Во петокот доцна навечер се одвивала драма за спас на младо мече кое било удрено од автомобил на делницата од автопатот Скопје-Тетово. Додека траела интервенцијата, сообраќајот бил блокиран. Информацијата за сообраќајната несреќа, која се случила околу 22.45 часот, ја објави Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).
„Центарот за управување со кризи го извести Државниот инспекторат за животна средина, преку главниот инспектор за заштита на природата Пејо Кировски, за удрено мече со тежина од околу 60–70 кг на потегот по патарината Глумово, на патниот правец од Скопје кон Тетово, на околу 2 км од патарината. Од ударот мечето се здобило со тешки повреди, но давало знаци на живот“, информираа од ДИЖС.
На местото на настанот излегла дежурна екипа на МВР, а ДИЖС ја споделил информацијата во вибер-групата на сѐ уште неформираниот Интервентен тим за вакви случаи. Истовремено била контактирана и ЗОО Скопје, при што била известена директорката.
„На самото место веднаш излезе Сашо Панчев, неговател и ветеринар од ЗОО Скопје, со товарно возило на установата. Тој, со голема посветеност во вакви случаи, за жал констатираше дека мечето повеќе не дава знаци на живот. Потоа, доцна во ноќта, во координација со деканот на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ во Скопје, телото беше пренесено во лабораториите на факултетот за обдукција од страна на стручни лица“, дополнија од ДИЖС.
Од оваа институција констатираат дека, за жал, сѐ уште не е официјализиран Интервентниот тим за брзи интервенции при вакви случаи и нагласуваат дека се наметнува итна потреба од негово формирање, согласно Стандардната оперативна процедура.
Од тетовската полиција кратко информираа дека младото мече било удрено на автопатот Скопје-Тетово од страна на возачот Џ.Д. (36 г.) од Гостивар, кој управувал автомобил од марката „волво“.
Според законската регулатива, автопатот мора да биде обезбеден со заштитна жичена мрежа, што е обврска на ЈП „Македонијапат“, со цел да се спречи влез на диви и бездомни животни и да се избегнат тешки сообраќајни несреќи.
На 3 септември годинава, во ноќните часови на магистралниот пат Кичево-Охрид, околу полноќ автомобил удри во глутница кучиња, по што се запали, а возачот жив изгоре.
П. ПЕЧКОВ



