Хуан Аткинс, еден од пионерите на детроитското техно, кој изврши големо влијание врз денс музиката пошироко, почина на 64-годишна возраст. Неговата агенција „Гринсмит артистс“ објави дека Аткинс бил пронајден во бессознание во хотелска соба во Мексико Сити пред да настапи таму и дека бил прогласен за мртов откако бил однесен во болница.
Аткинс создаде блескава, механистичка форма на електронска музика, прво како дел од дуото „Сајботрон“, а потоа под псевдонимот Модел500. Тој бил првиот кој го именувал овој тврд електронски стил како техно, жанр кој сега е еден од столбовите на денс културата.
Роден во Детроит во 1962, Аткинс се заинтересирал за електронската музика откако ги запознал Дерик Меј и Кевин Саундерсон, уште едни легенди на техното. Откако купил опрема, го формирал дуото „Сајботрон“ со Ричард Дејвис, почнувајќи да прави музика уште како средношколец. Дуото се распадна во 1985.
Аткинс продолжил сам под името Модел500 и потоа ја основал издавачката куќа „Метроплекс“ за да може да ја издава својата музика.
До почетокот на 1990-тите, техно сцената што тој помогна да се развие доживеа процут, а Аткинс дополнително го усоврши својот звук со проектот „Инфинити“.
Во новиот век, Аткинс беше помалку продуктивен во однос на издавањето, но го формираше дуото „Бордерленд“ со друга техно икона, Мориц фон Освалд, објавувајќи два албума во 2013 и 2016.
Аткинс соработуваше и со Македонската филхармонија, која ги изведе неговите композиции на уникатен концерт во Античкиот театар во Охрид во 2018.
На прес-конференцијата во Скопје, Аткинс призна дека заплакал кога првпат слушнал како звучат неговите композиции во оваа нова изведба.
„Кога имавме проба и кога ја слушнав новата интерпретација на мојата музика, ми најдодоа солзи. Кога оваа музика ја свири оркестар, доаѓа до израз музичкиот аспект на она што ние го правиме“, кажа Аткинс тогаш.



