Алта банка, на која Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа поради нарушена ликвидност и влошена финансиска состојба, претходно се соочи со проверки од Европската централна банка поради сомневања за перење пари.
Истрагата на европскиот регулатор во 2024 година отвори сериозна загриженост за работењето на српската банкарска групација, при што официјални лица го доведоа во прашање нејзиниот капацитет да го верификува легитимното потекло на пристигнатите депозити, објави „Фајненшл тајмс“.
Ова се случува помалку од една недела откако долгогодишниот српски претседател Александар Вучиќ ги загуби изборите од студентското движење кое протестираше против корупцијата и автократското владеење. Според српските извори на „Фајненшел тајмс“, во деновите по изборите клиентите на Алта банка подигнале големи суми готовина и префрлиле значителни парични средства надвор од државата.
Српската банка имаше клучна улога во олеснувањето на трансферите за руски граѓани и компании кон Србија и надвор од неа по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година. Како една од ретките банки во регионот подготвена да отвора и лични и деловни сметки за руски државјани, таа стана главен финансиски избор за заедницата на руски емигранти, која до крајот на минатата година броеше околу 55.000 луѓе со регулиран престој.
Ваквата улога доведе до нагло зголемување на нејзиниот обем на работа, па депозитите на клиентите до крајот на минатата година се зголемија повеќе од петпати во споредба со претходниот период. Поради огромниот прилив на рубљи во услови на војна и санкции од ЕУ врз Москва, банката уште во 2022 година соопшти дека нејзината изложеност на девизен ризик достигнала 42 проценти, што беше далеку над законски дозволениот лимит од 20 проценти.
По прекинот на работата и сомневањата за забрзан одлив на капитал во странство, српското Јавно обвинителство за организиран криминал повика на темелна истрага за целокупното финансиско работење на Алта банка, како и за одговорните лица во Народната банка на Србија во врска со одливот на депозити и трансакциите во странство. Темелна истрага побара и Студентската листа, која очекува да обезбеди парламентарно мнозинство за еден месец и да формира влада до крајот на јануари, оценувајќи дека проблемите не настанале преку ноќ, туку се резултат на задоцнетата реакција на регулаторите и одбивањето на обвинителството да го замрзне сомнителниот капитал.
Во средината на октомври, на сопственикот на Алта банка Давор Мацура не му беше дозволен влез во соседната Црна Гора. Тогаш банката соопшти дека на нејзиниот сопстевник не му била кажана причината за забраната за влез. По изборите во Србија, тој се обидел да избега во Москва, според извори на „Фајненшл тајмс“.
По одземањето на лиценцата на Алта банка во Србија, македонската Народна банка воведе своја управа во „Алта банка Битола“. Гувернерот Трајко Славески кажа дека оваа привремена мерка се воведува заради заштита на интересите на штедачите и стабилноста на банката.
„Оваа мерка е од времен карактер и се воведува исклучиво поради случувањата со акционерот со квалификувано учество ‘Алта банка‘ АД Белград. ‘Алта банка‘ АД Битола е високо капитализирана, ликвидна и со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди. Воведувањето на администрацијата подразбира дека управувањето со имотот на банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка, а во рамки на дадените овластувања од Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија“, рече гувернерот Славески.
Исто така, утврден е неделен лимит за граѓаните кои имаат сметки во банката. Тие ќе можат неделно од своите сметки да трошат само 10.000 денари. Во моментов, електронското банкарство на банката не работи. Кредитокорисниците треба и понатаму навремено да ги исполнуваат своите обврски кон банката.
Стопанската Банка Битола беше официјално преименувана во Алта банка Битола на 12 декември 2025 година, откако беше целосно преземена од српската Алта банка, откако за тоа доби одобрение од Народна банка.



