Четиричасовната забрана за полетување низ САД, која предизвика откажување на илјадници летови и метеж во патувањето, била предизвикана од технички проблем по надградба на бакарни кабли, соопшти американскиот секретар за транспорт Шон Дафи.
На прес-конференција, Дафи рече дека владата се обидува да утврди дали проблемот поради кој контролорите на летање ги прекинаа полетувањата во петокот е последица на неспособност на компанијата што ги изведувала работите или на неисправна опрема. Иако забраната беше укината во петокот навечер, таа имаше последици врз авиосообраќајот и во саботата, додека авиокомпаниите се обидуваа да го расчистат застојот.
Претходно, надлежните вклучувајќи го и Дафи, проблемот го припишуваа на застарена опрема. Според него, технолошкиот добавувач Л3Харис вршел одржување на американските системи за контрола на летање со цел замена на бакарните жици со оптички кабли. Дафи кажа дека САД имаат исклучително стар телекомуникациски систем и оти жицата била толку стара што веќе престанала да се произведува.
Секретарот за транспорт објасни дека рутер на кој се работело почнал да ги преоптоварува другите системи за контрола на летање и создал проблеми во комуникацијата со авионите, поради што бил воведен прекинот од безбедносни причини. Владата сега се обидува да утврди дали главната причина била замената на жиците или дефект на рутерот.
Четиричасовниот прекин во петокот, кој почна во 15:54 часот по источноамериканско време, беше најдолгиот ваков инцидент по нападите врз САД на 11 септември 2001 година. Според податоците од страниците за следење летови, тој ден во САД биле одложени или откажани повеќе од 15.000 лета, што погодило околу 1,5 милиони патници, додека во саботата биле откажани над 5.900, а одложени 7.000 лета.
Во некои случаи патниците останале заглавени во авионите на пистата, без можност да полетаат или да се вратат на излезите. Забраната се одразила и на распоредите на летање низ светот, при што биле откажани и дел од летовите од Велика Британија и Европа. Федералната управа за авијација (ФАА) соопшти дека редот на летање во САД треба да се нормализира до крајот на неделата.
Американските власти наведоа дека не веруваат оти проблемот е резултат на кибернапад или на злонамерен софтверски агент со вештачка интелигенција, иако Дафи кажа дека истрагата за точната причина е во тек. Шефот на ФАА Брајан Бедфорд на истата прес-конференција рече дека нема никакви докази за злонамерно дејствување ниту за поврзаност со вештачка интелигенција.
Од компанијата Л3Харис во саботата соопштија дека пред прекинот завршиле повеќе од 70 отсто од работата за модернизација на комуникациската инфраструктура за воздушен сообраќај во САД. Оттаму додадоа дека ја поддржуваат ФАА во истрагата и оти сериозно ги сфаќаат забраната за полетување и нејзиното влијание врз патниците, авиокомпаниите и воздушниот сообраќај.
Дафи предупреди дека сличен проблем би можел да се повтори доколку американскиот Конгрес не одобри средства за надградба на инфраструктурата за контрола на летање. Американскиот претседател Доналд Трамп побара 30,1 милијарди долари за тие надградби, а двата дома на Конгресот моментално се под контрола на Републиканската партија. Дафи претходно кажа дека на системот му е потребна целосна обнова вредна 50 милијарди долари.



