Новиот заменик- претседател на Владата за европски прашања Арбр Адеми пред два дена заминал на пат во Холандија со преведувач на англиски јазик. Извори за САКАМДАКАЖАМ.МК откриваат дека новиот вицепремиер немал доволно познавање од англискиот јазик, па морал да ангажира преведувач на првото службено патување, откако ја презеде функцијата минатата недела.
Поради проблеми со англискиот, Адеми имал непријатности и со вработените во Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
“Вработените во Секретаријатот му носеле на Адеми документи кои требало да ги прегледа и да ги потпише, но тој не можел убаво да ги разбере бидејќи биле напишани на англиски јазик, па морале да ги преведуваат. Настанало пречка во комуникацијата оти досега сите документи и службена комуникација со Брисел се правеле на англиски јазик”, велат извори за САКАМДАКАЖАМ.МК.
И претходниот вицепремиер за евроинтеграции Фатмир Бесими минатиот петок бил во Секретаријатот официјално да му ја предаде функцијата, но и да му даде насоки за работа во овој сектор.
“Бесими на примопредавањето го запозна Адеми со тековните проекти на Секретаријатот, како и со делокругот на работа и му посака успешно продолжување на патот кон европска интеграција на земјата, нагласувајќи ја потребата од континуитет во работата за реализирање на стратешките цели во областа”, се вели во соопштението на СЕП, по средбата на Адеми и Бесими.
На официјалната страница на СЕП има само негова слика, но нема биографија. Но, во веста за преземањето на функцијата објавена на истата страница, стои дека тој е доктор на правни науки на Правниот факултет во Тирана, со научно искуство и ангажмани во областа на правото и дека бил автор и на поголем број научни трудови, објавени во престижни меѓународни научни списанија.
На неговиот Фејсбук профил пишува дека има 31 година и студирал на Државниот универзитет во Тетово.