ГЕЈ ЗАЕДНИЦАТА НЕ ТРЕБА ДА ЖИВЕЕ ДВОЕН ЖИВОТ, КАМПАЊА НА УСАИД ЗА ПОДИГАЊЕ НА СВЕСТА

    ГЕЈ ЗАЕДНИЦАТА НЕ ТРЕБА ДА ЖИВЕЕ ДВОЕН ЖИВОТ, КАМПАЊА НА УСАИД ЗА ПОДИГАЊЕ НА СВЕСТАЛГБТИ граѓаните на Македонија страдаат од физичко насилство и отсуство на правна заштита, вели Микаела Швајцер Блум, заменик шеф на мисијата на амбасадата на САД.

    Со видеа со лични приказни на луѓе од ЛГБТИ заедницата во Македонија денес беше промовирана кампањата „Прав(д)а за сите“ , која е дел од проектот на УСАИД за подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето. Со тоа беше одбележан Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата 17 мај, кој се одбележува во целиот свет.

    „Во Скопје има бројни настани денес за да им се изрази поддршка на многу граѓани лезбејки, геј, бисексуалци и транссексуалци во Македонија. За жал, ЛГБТИ заедницата во земјата се уште се соочува со бројни предизвици. Лани Меѓународната ЛГБТИ асоцијација ја рангираше Македонија на 43-то место од 49 земји, најлошо на Балканот. Покрај стереотипизирањето и негативното портретирање во медиумите и општеството во целина, ЛГБТИ граѓаните на Македонија страдаат од физичко насилство и отсуство на правна заштита. Сексуалната ориентација и родовиот идентитет се уште не се признаваат како основ за гонење на акт на дискриминација или омраза. Премногу ЛГБТИ граѓани на Македонија се уште живеат двоен живот , криејќи ја нивната вистинска природа од семејството, пријателите и колегите“, рече Микаела Швајцер Блум, заменик шеф на мисијата на амбасадата на САД.

    Таа порача дека никој не треба да биде принуден да живее во лага или да се чувствува дека може да им нанесе срам на нивните семејства како и да биде загрижен дека физички ќе биде повреден поради тоа што е.
    „Од сите нас зависи, дали ќе се промени ова. Работејќи заедно, сигурно може да го промениме. Поради ова амбасадата на САД, преку УСАИД, му е партнер на Македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права за спроведување на Проектот за инклузија на ЛГБТИ заедницата на Македонија. Ова е 18-месечна, 300.000 долари вредна програма за да се одговори на потребите и да се унапредат правата на ЛГБТИ граѓаните во Македонија“, рече Швајцер Блум.

    Со проектот, кој почна лани во септември, ќе се поддржи имплементација на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација и меѓународниот закон за човекови права во Македонија. Преку него веќе е отворена безбедна куќа за ЛГБТИ лицата.
    „Поминаа речиси 60 години од протестите во Стоунвол во Њујорк, против дискриминацијата и суровиот третман на членовите на геј заедницата во САД. Денес, во мојата земја, ги славиме семејствата на геј и лезбејките, го вреднуваме нивниот придонес во политиката, владата, книжевноста, науката и образованието. Пред дванаесет години јас и ја честитав свадбата на мојата мајка со нејзината партнерка, Џуди, а денес моите деца не гледаат ништо невообичаено во фактот дека тие имаат поинакви баба и дедо“, рече Швајцер Блум.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира