Археолози од Македонија и од Италија во август заеднички ќе работат на утврдувањето на точниот период од кога датира новото археолошко откритие на локацијата Узун Мери, меѓу селата Ерџелија и Мустафино, кое според првичните наоди преставува најстаро наоѓалиште на Балканот. Според првичните сознанија на професорот по археологија Трајче Нацев, наоѓалиштето датира од старо камено доба, кога пред 300 илјади до 40 илјади години пред нашата ера на овој простор живееле неандерталци.
Со оглед на големата важност на светиниколскиот локалитет Узун Мери, македонските археолози најавуваат систематски истражувања заедно со колегите од Италија во втората половина на август и истовремено бараат од Министерството за култура оваа локација да се стави под привремена заштита на културното наследство. Со тоа во прашање се доведува изградбата на карго аеродромот планиран токму на местото каде што се простира новото археолошко наоѓалиште, за што веќе се извршени неопходните експропријации и други технички формалности.
„Со истражувањата што досега се направени откривме дека овој археолошкиот локалитет е единствен во нашата држава, но и пошироко. Претставува еден вид палеолитска станица од отворен тип. Локалитетот е на површина од еден квадратен километар каде се пронајдени орудија што неадраталците ги користеле за сечење месо од уловените животни“, вели д-р Нацев.
Според него, тоа биле мобилни групи ловци-собирачи кои се движеле во зависност од движењата на стадата. Врз основа на ова, екипата археолози од Македонија која веќе работи на проектот смета дека вакви наоѓалишта има и на други места во Источна Макледонија, најверојатно во близина на селото Лепепелци кај Злетово и локацијата Коњска Дупка кај Делчево.
Т. ЈОВАНОВСКИ