Работник од РЕК „Битола“ со изгореници на целиот грб попладнево е хоспитализиран во битолската Клиничка болница. Според доктор Васо Радивоевиќ, началник на Одделението за ургентна медицина, се работи за лице вработено во РЕК кое со повредите се здобило на работно место.
„Пациентот беше донесен во болницата со итна помош од службите од РЕК. Го примивме на Оделението за ургентна медицина и беше констатирано дека има изгореници од кои беше зафатен целиот грб или околу 18 проценти од телото. Пациентот беше препратен на Одделението за општа хирургија. Од длабочината на изгорениците ќе зависи дали ќе биде и понатаму хоспитализиран во битолската болница или префратен на лекување во Скопје“, рече Радивоевиќ.
Побаравме официјална информација од ЕЛЕМ како се случила повредата кај работникот и дали настанал одреден дефект во работењето или едвентуална експлозија на работното место каде што бил повредениот битолчанец. Но, се уште немаме добиено одговор. (Ж.З.)