ОБВИНЕНИЕТО НА СЈО ЗА СЛУЧАЈОТ „ТРИСТА“ ПРИФАТЕНО, КРИВИЧНИОТ СУД ТРЕБА ДА ЗАКАЖЕ СУДЕЊЕ

    ОБВИНЕНИЕТО НА СЈО ЗА СЛУЧАЈОТ „ТРИСТА“ ПРИФАТЕНО, КРИВИЧНИОТ СУД ТРЕБА ДА ЗАКАЖЕ СУДЕЊЕСлучајот „Триста“ е првиот прифатен обвинителен акт од 17-те обвиненија што ги поднесе Специјалното јавно обвинителство на 29 јуни. - Специјалните обвинителки Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска (Фото: Ѓ. Личовски)

    Обвинението против поранешниот помошник-министер за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски за злоупотреба при набавки на полициски возила, е првото од 17-те обвиненија што ги поднесе Специјалното обвинителство на 29 јуни, а што е прифатено од основниот суд Скопје 1. Сега преку АКМИС системот, предметот ќе биде распореден кај судија кој ќе треба да закаже почеток на судењето.

    „Советот за оценка на обвинителен акт, во состав судија Верка Петковска како претседател на совет и судиите Горан Бошевски и Татјана Михајлова, постапувајќи во оценка на обвинителен акт на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникацииите ( СЈО ) со НСК – КО бр. 6/17 од 29.06.2017 година против обвинетиот Ѓ.П. од обвинителството означен како „Триста“, донесе решение со кое приговорот на одбраната на обвинетиот се одбива како неоснован, а обвинителниот акт се одобрува во целост“, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

    Летово овој случај ја поминуваше жалбената постапка, кога Апелациониот суд одлучи на главниот обвинет Ѓоко Поповски да не му биде вратен пасошот. Потоа, неговата одбрана бараше бомбите од прислушуваните разговори, кои СЈО ги поднесе како доказ, да не важат во постапката. Но, Апелација и тука го одби барањето на обвинетиот, по што следуваше приговор против обвинението во целост, за кое Основниот суд Скопје 1 одговори негативно и го прифати.

    Случајот „Триста“ беше презентиран од СЈО на прес-конференција на 23 март. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека се работи за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на помошникот министер во Министерството за внатрешни работи Ѓоко Поповски, во врска со јавна набавка што се однесува за 300 возила.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира