Дури 21 отсто од семејствата во Македонија се сиромашни. Според податоците кои денеска беа презентирани на одбележувањето на меѓународниот ден за борба против сиромаштијата, 450.000 лица во земјава не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на еден ден.
„Ова е алармантен податок и голема бројка. Затоа сакам ние како невладин сектор да ги поттикнеме граѓаните да ни се приклучат во нашите активности и акции, за да им помогнеме на луѓето во собирањето помош преку цела година“, рече Тони Станковски, од здружението „Љубезност“.
Претседателката на здружението „Проект среќа“ рече дека газди на фирми бараат од работниците да го вратат регресот за годишен одмор.
„Сакам да упатам апел до сите невладини организиции и до граѓанскиот сектор, да се подигне свеста за борбата против сиромаштијата. Сите ние патиме од недостаток на емпатија, и за жал се уште има сопственици на компании кои своите работници ги тераат да ги вратат разликите. Апелирам до Владата и до сите нови градоначалници да го санкционираат тоа“, кажа на прес конференцијата Арнаудова.
Заменикот министерот за труд и социјална политика Елми Азири, рече дека Владата веќе презема чекори за намалување на степенот на сиромаштија.
„Планирано е до крајот на 2020 година, процентот на сиромашни семејства да се намали за 15 проценти. Во таа насока, ние како Министерство за труд и социјална политика континуирано работиме на зголемување на процентот на социјална помош. Во наредниот период ќе следуваат актиности со таа цел. Најавуваме целосна реформа во социјалата, и поголема помош на оние целни групи на кои им е потребна“, изјави Азири.