ГРАЃАНИНОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:188:"ГенералотСнешка,сосопругатаЛеткавопридружбанаминистеркатаГанкагипосетијаодбранбенитесили

    1. Што се чудиме ако некојси американски генерал на НАТО дал изјава дека границата меѓу Македонија и Југославија во делот кон Косово била спорна? Па, самиот претседател Борис Трајковски пред некој ден се пофали дека во неговиот кабинет го повикал службеникот на амбасадата на САД да ја расчистат таа работа. Ако шефот на државата за границата разговара со службеник, тогаш зошто на некој генерал да му се негира правото да ни ги поместува нивите од оваа и од онаа страна.
    Блазе си му на службеникот на амбасадата. Го виде Боре. Само не ни кажаа од кој ранг бил службеникот и дали амбасадорот го пратил, или границата не е којзнае каква работа за да се разговара на ниво.
    Каква боранија држава сме, дури и добро поминавме. Вчера конечно не утешија дека ќе ни ја почитувале границата. До кога? Нели цртањето на границите било процес. Или, на генералот му се испушти пред време. Па после и на онаа портпаролката на УНМИК. Па после им текна да им забранат да даваат изјави.
    Цела нација збунета, а Борис се отепа цела недела давајќи интервјуа. Само тој им верува на Американците.
    Не беше само службеникот на американската амбасада загрижен и вознемирен што ќе ни ја менуваат границата. И Љубе Бошковски мораше да се истакне и да го повтори слоганот за педите земја и да изјави дека “нема да дозволи никакво менување на границите”. Белким сега ќе си остане на зборот. Оти, не ги повлекуваше ни пунктовите, ни лавовите.
    А и Чашуле сериозно го сфати проблемот. Имал “неколкудневни контакти со релевантните чинители на меѓународната заедница”. Само министерот ни беше хендикепиран. Од клетите новинари не смееше да го јавне пак авиончето на Слобо. Инаку, кај останува Чашуле во Скопје да општи со релевантни чинители. Тој веќе ќе беше во Њујорк, и ако е за Македонија, а особено за границите и во поскап хотел од “Валдорф асторија” ќе спиеше.
    Гледате како во еден ден го реши проблемот со името? За границата ич гајле ќе си немавме.
    Границата кон Косово ионака никој не ја есапи. Ионака влегуваат и излегуваат кога сакаат. Та биле 200 метра нива, та 3 километри. Туку, барем стигнавме до граница. Нема потреба од пролетна офанзива, нема потреба од востание, нема караула на Групчин… Нема граница. Борците за човекови права тоа и го бараа. Нивните барања за права се безгранични.

    2. Кога најбитните сопруги во државата ќе ги соблечат лисиците, мислат дека ќе станат лавици. И тргаат на позиции. Така, “премиерот на сопругата” Снежана Георгиевска, сопругата на Љубе, Виолета и министерката за култура Ганка отидоа дури до Белица да ги посетат женските полицајки – “лавиците”.
    Во Македонија да се биде сопруга на министер е многу престижна функција. Што се Снежана Георгиевска и Виолета Бошковска? Во кое својство тие ги посетија одбранбените сили на Македонија. Само затоа што по функција се сопруги? Ганка додуше има функција министер, ама кај “лавиците” замина во функција на “другарка на Снешка и Летка”.
    Мора да се апелира до онаа модна креаторка од Кочани што ги облекува моќните дами, да внимава да не го наруши единството на фантастичното трио.
    Кога веќе имаат иста шнајдерка, следниот пат нека ги облече во маскирни униформи. Наместо “лавиците” да ги анализираат која поубава креација облекла, во униформа сите ќе изгледаат исто. Како генералки.

    3. Баш ми е жал за претседателот Трајковски. Сега како шеф на државата ќе го потпише законот за аздисаните пратеници, ама веднаш како граѓанин ќе го оспори пред Уставниот суд.
    Толку време му помина на Борис и толку мака виде додека од граѓанин почнаа да го сметаат за претседател, кога тој сега сам си се прогласува за граѓанин. Џабе му беше и на СДСМ што го призна граѓанинот Трајковски.
    Сега Доста Димовска ќе му била советник на граѓанинот претседател. Убавата дама што го откри на времето, сега станува дел од Кабинетот. Со проамерикански претседател и сестрата ќе ни стане Американка. Па, нека повелат сега душманите и само нека се осмелат да ја наречат Доста бугарашка. Хелоу Доста!

    4. Бранко само уценува. Туку се заканува дека ако не му ги прифатат предвремените избори, немало да го почитува рамковниот договор. Требаше до вчера, ама го зезна Бајрам. Ако не оваа среда, тогаш следниот петок, Бранко сигурно ќе се налути.
    Што значи ако Бранко не го почитува договорот? Ќе оди со Љубе во партизани да ги врати пунктовите и лавовите?
    Па, нели и влезе во Владата само за да го потпише договорот. И откако го потпиша излезе.

    5. Директорката на амбулантата во Пехчево, чија пациентка и умре на пат за Скопје, без никој да се потресе, изјави дека ја местат политички за да ја сменат.
    Аманте бе луѓе, има ли некој одговорност кон државните директори. Имајте милост кон партиски поставените. За да ги сменат, луѓево се спремни дури и да умираат.

    6. Друштвото за заштита на животните “Срна” апелираше до граѓаните да ги прихрануваат гулабите, гугутките и врапчињата. Но, во соопштението стои и препораката “овие птици да се хранат исклучиво со зрна од пченка, пченица, овес и просо. Притоа, не смее да им се дава бел леб, бидејќи штетно влијае врз нивниот организам”.
    Блазе си им на гугут ките. За нив има кој да се грижи. За бездомниците и сиромаштијата што чепка по контејнерите никој не дава совет за штетното влијание на храната што ќе ја најдат. Во контејнерите ретко се наоѓа бел леб. Тие можат и без леб.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира