УНИВЕРЗАЛЕН ОТВАРАЧ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:70:"ПоШироксокакодиш,жалнипеснипееш...

    1 Ако случајно дома не можете да си најдете клуч за отварање конзерви, ако навртката од шишето е цврсто стегната, или не дај боже ви се заглавил багажникот во автомобилот – не грижете се. Тука е Љубчо, универзален отварач на се што ви е потребно.
    Немој да помислите дека ова е реклама за Топ шоп на Телевизија. Ова би требало да личи на предизборна кампања. Оти ако не сте задоволни производите што се нудат на топ шоп, можете да ги вратите за десет дена. А Љубчо и по четири години не сака да си оди. Напротив, тој допрва отвара.

    2 И Бранко пред промените што ни се случија отвараше. Се сеќавате колку чешмички пушти и колку вода беше потрошена за кампањата на СДСМ? Ама Љубчо не е ист како Бранко. Тој не пушта вода. Тој отвара капацитети. По широки сокаци се шета. Згради на судиите им прави, иако тие неблагодарници не сакале да соработуваат со Владата. Па ленти на фабрики за лекови сече…
    Само не е Љубчо толку среќен како што би требало да биде секој политичар од негов ранг кој за отварање на улица во вестите на државната телевизија добива простор од 17 минутен извештај. Гледате колку ни беше лут премиерот во Битола. По широк сокак оди, жални песни пее…
    Прво, призна дека има проблем со новинарите. Затоа што тие немаат чувство, пишуваат без врска, тој ги бомбардира со факти, а тие не му веруваат.
    Потоа Љубчо ни кажа дека има проблем и со меѓународната заедница. Оти и тие не им веруваат на фактите на Љубчо, туку толку се блесави што им веруваат на тукашните медиуми.
    Премиерот има проблем и со судовите. Затоа што не му ги прифаќаат кривичните пријави.
    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има проблем и со претседателот Трајковски. Затоа што овој сакал да му го смени Љубе. Можете да замислите колку му е тешко на Љубчо во овој расипан свет, несфатен и неразбран од другите. Само тој и брат Љубе се чесни, само тие двајцата се патриоти, сите други се предавници и крадци…
    Како да не се сожалите над тажната судбина на Љубчо. Кога го слушав на Широк сокак со кого се тој си има проблеми, солзи на очите ми навреа. Кога почна даа реди со кого се си има проблем, се стресов да не рече дека има проблем и самиот со себе.

    3 Љубчо нема проблем само со Џафери. Ама и Џафери со Љубчо, оти и по се што се случи вели дека коалицијата одлично им функционира. Гледате дека и изјавите им се исти. ДПА вели дека нападот врз Тачи бил напад врз Албанците. А Љубчо вели дека нападот врз Љубе е напад врз Македонците.
    Откако го чув соопштението на ДПА дека нападите врз Тачи биле удар врз коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДПА дефинитивно ми стана јасно дека и Македонците и Албанците што гинеа минатата година не гинеле за одбрана на татковината и за човекови права, туку за интересите на Љубчо и Џафери. И тоа за многу конкретни интереси.
    И згора на се, Љубчо уште не убедува дека ако не беа лавовите и Љубе, ќе сме го изгубеле Тетово, а можеби и Куманово.
    А да не беа Љубчо и Џафери, ќе си ја имавме Македонија.

    4 За да ни покаже дека Македонија функционира и на ослободените територии, министерот за финансии Груевски организираше даночна окупација на Шипковица. Срце ми се стегна кога ја гледав репортажата на МТВ од штотуку ослободеното терористичко гнездо насловена како “Прва фискална каса во Шипковица”. Колку гордо звучеше сознанието дека “сите биле сведоци на ставањето на првата фискална каса во Македонија”. И тоа замислете – баш во гранапчето на еден Шипковец.
    Во репортажата недостигаше само чинот на свеченото пуштање во употреба на фискалната каса. Очекував дека првата цена ќе ја исчука лично Али Ахмети. Арно ама, тоа што ДПА излезе од Советот на Албанците сигурно го спречило демократот Ахмети да се консултира дали да се појави на телевизија. Така што не знаел дали да се фати за оружје, дали да влезе во преговори со даночниците, или да побара помош од НАТО.
    Како и да е, првата фискална каса во Македонија веќе функционира во Шипковица. Ахмети ќе му ги испорачува на Љубчо сметките – фискално.
    Поставувањето на втората каса во Македонија било предвидено за кафулето “Дора” на Мендух Тачи. Ама, таму излегле некои проблеми. Кај Тачи уште треба да се средуваат сметките.

    5 Зошто се чудиме што почитуваниот господин Џиков не дава изјави и се крие. Што да прави човекот?
    Да не беше таков, каков што е, немаше да го стават да биде јавен обвинител.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира