ПАТОТ НА СВИЛАТА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:38:"Имашкуќа,вратистан

    1. Во средината на осумдесеттите имаше една комунистичка акција што се викаше: “Имаш куќа, врати стан”. Таа акција за Бранко уште трае. СДСМ деновиве на дело покажува како го одржува континуитетот со СКМ. Откако директорот за државна безбедност и контраразузнавање Ристо Верушески го потсетија дека од МВР, како репресаран од ВМРО-вската власт, си замина со два државни стана, тој реши да им се врати на традициите на комунистичкиот морал од пред дваесетина години. Не си поднесува оставка, ама чесно си го враќа помалиот стан.
    Не е виновен Верушески што тогашниот негов шеф Томислав Чокревски му дал стан во населбата “Аеродром”, не знаејќи дека директорот веќе имал помал стан на Рузвелтова. Исто како што сопругата на бившиот премиер Снежана се чудеше, кој тоа во нивно име гради вила на Водно, и Верушевски бил зачуден зошто Чокревски му дал стан. А Чокревски едноставно бил загрижен за директорот на државна безбедност. Тој деновиве изјави дека според функцијата, на Верушески му требал поголем стан, за да прима гости. Сиромашкиот Верушески. Којзнае колку гости му доаѓале, па му требале два стана. Бидејќи работата му е дискретна, морал да води сметка да не му се среќаваат кодошите. Една делегација примал на Рузвелтова, а друга во исто време во другиот дел од градот. Од толку што примал, не му останало ни каде да живее. Како не се најде некој похуман министер да му даде и трет стан. Па Верушески да се мачи тројно.

    2. Министерот за финансии Петар Гошев во предизборната кампања на речиси секој негов настап се фалеше: “Ние имаме тим!”
    Се виде. Перо навистина имал тим. Проверен и наместен. Затоа си го задржа Ванчо Каргов, десната рака на Никола Груевски.

    3. Љубчо Георгиевски како стручњак за актуелната ситуација во Македонија и регионот замина за Кина. Ќе држел предавања во Институт за надворешна политика. До кај стигна НР Кина за инает на Тајван. Љубчо да им држи предавања во нивниот Кумровец! Замислете, тоа е оној истот Љубчо што уште од детството носи трауми поради титовите песни што за инает другарите му ги пееле во Делчево.
    Со Љубчо е и партиската делегација. Го придружуваат хуманата сопруга Снежана, дотераната Ганка со сопругот и капиталистичкиот реформист Никола Груевски со сопругата. Баш се друштво за Кина. само малку задоцнија. Во Пекинг, пред почетокот на Конгресот на Комунистичката партија јавно ги постројуваа сите криминалци што се обвинети за корупција.
    Сега, кога Љубчо и дружината задоцнија на церемонијата на покажување на креиминалците, тој ќе треба да држи предавања. Додека тој зборува партиските другарки и другари ќе плескаат со раце. Тоа е кинески обичај.
    Илинка Митрева и Ганка Самоиловска – Цветанова се судбински поврзани. Не можат една без друга. Илинка во изборната единица во Тетовско – Гостиварско, Ганка во истата изборна единица. Илинка во Кина, и Ганка во Кина. Нема смисла. Илинка да им го отвори патот на свилата, а Снешка и Ганка саде свили да се вратат дома.

    4. Овие министрите од ДУИ навистина биле борци за човекови права, со изразена смисла за социјална правда, какви што ни ги претставуваа овие од меѓународната заедница. Веднаш ја покажуваат својата скромност. Министерот за правда Исмаил Дардишта бара блиндиран џип. А министерот за транспорт и врски Миљаим Ајдини бара мерцедес.
    Заслужиле луѓето. Тие се бореа за “оловка” и “парче хартија”. Ама многу се бореле, па се изборијле и за коли.
    “Теренците” се навикнати на убави возила уште од Шипковица. Таму Али Ахмети се возеше со “ауди”. Ама, “ауди” – кола ли е? Па уште и крадена.

    5. Убаво е кога во Скопје се одржуваат меѓународни манифестации како оваа со Самитот на ЦЕИ. Од што сакаме да се покажеме преде гостите веднаш ги чистиме главните улици по кои поминуваат колоните со државните делегации. Минало долго време откако не сум го видел булеварот низ Автокоманда и улицата Илинденска светнати како во нормална држава.
    Ама, ако може некако на гостите да им се забрани да излегуваат од “Александар палас” и “Холидеј ин”. Или, барем ако излегуваат, да им забраниме да шетаат по плоштадот “Македонија” и да се сликаат пред Камениот мост.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира