Општина Дојран не е во можност сама да го отплати долгот во висина од 150 илјади евра кон Европската унија за пречистителната станица која пред 4 години се реконструираше со европски пари, а Европската комисија најде прекршување на постапката. Немаат ниту капацитет, ниту пари за толкав долг што ќе значи блокирање на општината.
Градоначалникот Анго Ангов потврди дека не се во можност долгот што го наследил од неговиот претходник Борче Стамов да го плаќа и на 12 месечни рати бидејќи се мала општина без многу приходи и приливи. Паралелно, ќе заглават останатите комунални проекти во општината пред сè урбанизацијата.
„Не сме во можност бидејќи се соочуваме со многу други финансиски проблеми. Во моментов го носиме урбанистичкиот план и ни се потребни пари. Финансиската ситуација не ни е сјајна и ако ние треба да го платиме долгот тогаш ќе значи блокирање на општината. Ние сме во комуникација со ЕУ за да се утврди како ќе го отплатиме долгот од 150 илјади евра. Ни понудија на 12 месечни рати но тоа за нас е невозможна мисија. Единствена надеж ни е Владата, тие да ни помогнат, па ние со нив да направиме договор за отплата. Треба нашиот проблем да биде и на владина седница“, кажа градоначалникот Ангов кој побара разбирање и толеранција од Европската комисија за овој проблем.
На вчерашната владина седница се расправаше за користење и имплементација на фондовите на ЕУ, но на дневен ред не беше ставен проблемот на општина Дојран, Владата да го преземе долгот кон ЕУ од 150 илјади евра. Општинските власти се убедени дека Владата ќе помогне оти три проекти со европско знаме висат во воздух за можна реализација. Два со соседна Грција и еден со Бугарија, вредни милион и двесте илјади евра.
ЕУ бара Општина Дојран да врати 150 илјади евра оти во прекуграничниот проект со Кукуш во 2014 година избрале поскап понудувач за реконструкција на пречистителната станица, а за што се жалела чешка компанија учесник на тендерот.
В. ТРАЈКОВ