НА ТЕНДЕР ЌЕ СЕ БАРА ТЕХНОЛОГИЈА ЗА ДЕКОНТАМИНАЦИЈА НА ОХИС ОД КАНЦЕРОГЕНИОТ ЛИНДАН

    НА ТЕНДЕР ЌЕ СЕ БАРА ТЕХНОЛОГИЈА ЗА ДЕКОНТАМИНАЦИЈА НА ОХИС ОД КАНЦЕРОГЕНИОТ ЛИНДАН„За да се обезбеди технологијата за прочистување на почвата од линдан потребни се околу 4 милиони долари, а деконтаминација ќе чини 250 евра по тон“, вели Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање. - Од посетата на Агенцијата за атомска енергија во Виена

    На тендер ќе се бира технологија со која ќе се чисти канцерогениот пестицид линдан од некогашниот хемиски гигант Охис. Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули  вели дека тендерот за избор на технологија со која ќе се деконтаминираат 40.000 тони земја загадени со линдан ќе го распишат наскоро, а дека по направените анализи утврдиле оти е поекономично овој опасен отпад да третира на самата локација, место да се пакува и да се носи надвор од земјата. Тој кажа дека на средбата во Виена неделава со Филип Шолц, управен директор на Директоратот за развој на програми и техничка соработка на Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации – УНИДО, покрај другото разговарале и за побрзо решавање на оваа жешка еколошка точка во земјава.

    „Кончено го откочивме овој проект, кој со години беше закочен. Преку холандски проект направено е техничко упатство како треба безбедно да биде движењето во Охис, а наскоро ќе го распишеме и тендерот. Треба да се деконтаминираат 40.000 тони земја загадена со линдан, од кои во 12.000 тони концентрацијата на линдан е над 50 отсто, а во останатите 28.000 тони има помала концентрација“, вели Макрадули.

    За да се донесе технологијата за прочистување на загадената почва, Македонија, ќе добие 3,1 милиони долари од Глобалниот еколошки фонд кои и претходно беа одобрени, а државата треба да обезбеди уште еден милион долари.

    „Во зависност од технологијата што ќе се избере на тендерот, потоа ќе треба да видиме дали наши компании може да ја обезбедат или ќе треба да се носи од надвор. Оваа сума е само за технологијата. Според пресметките што ги имаме деконтаминација на самото место ќе чини 250 евра по тон, што е далеку поекономична варијанта отколку да се носи линданот надвор, бидејќи тоа чини 4.000 евра по тон“, вели Макрадули.

    Тој кажа дека во тек е формирање на новиот Надзорен комитет кој ќе го води овој процес и дека наскоро ќе имаат и координација со канцеларијата за долготрајни органски загадувачи (ПОПс) при Министерството за животна средина, а во надзорот на целиот проце ќе учествува и УНИДО.

    „Јас раководам со Надзорниот комитет, во кој покрај преставници од нашето министерство има и претсавници од Министерството за економија, Институтот за јавно здравје, од стечајната управа на Охис, од ПМФ, како и претставник именуван од претседателот Иванов. Неодамна претставникот што го именува претседателот беше повлечен од комитетот и сега чекаме да именува нов член за да можеме да работиме“, вели Макрадули.

    Пестицидот Линдан со години несоодветно е депониран во фабриката Охис, кој се користел при производството во оваа хемиска компанија. Според истражувањата на Институтот по хемија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) линдан има во почвата, водата и воздухот во околината на Охис, а професорите од овој факултет со години предупредуваат дека оваа жешка еколошка точка мора да се санира. Државата повеќепати најавуваше дека ќе почне со деконтаминација на просторот, но тоа досега не се случи.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира