Гувернерот Димитар Богов го известил претседателот Ѓорге Иванов дека ја повлекува кандидатурата да биде реизбран на функцијата, објави државната агенција МИА.
Во изјавата за МИА, Богов вели дека ја донел одлуката имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите во политиката и роковите за избор на гувернер. Гувернерот на НБРМ го предлага претседателот, а го избира Собранието.
„Имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите на политичкиот живот во Република Македонија, моменталната политичка констелација и роковите за избор на гувернер, во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер на Народната банка, за што веќе го известив Претседателот на Република Македонија“, вели Богов.
Тој се надева дека набрзо ќе биде предложен нов кандидат за гувернер на Народната банка, од редот на професионалците, кој ќе добие консензуална политичка поддршка.
„Народната банка на Република Македонија не смее да се остави без гувернер. Очекувам решение во најкус можен рок, што ќе биде во интерес на Република Македонија“, додава Богов.
Мандатот на Богов како гувернер на НБРМ завршува на 20 мај.