Дури 410 случаи на малигни заболувања повеќе биле регистрирани во 2016 година во споредба со 2010 година на територијата на Општина Битола. Според податоците што Центарот за јавно здравје од Битола ги достави до Советот на Општина Битола, за 2010 година имало 1291 вкупно лекувани од малигни неоплазми, додека во 2016 година 1701. Стапката на регистриран болнички морбидитет од малигни заболувања за 2010 година изнесувала 12,6 на 1000 жители, а за 2016-та 16,7.
Од Центарот за јавно здравје од Битола предупредуваат дека регистрирани заболувања не значи исто што и број на заболени зашто во една година едно болно лице од неоплазма може повеќе пати да направи посета на ординација кај лекар или во болница.
Според податоците, од малигни неплазми боледуваат и деца од најмала возраст. Така, во амбулантно-поликлиничката дејност имало 18 случаи на малигни заболувања кај деца до две години во 2016 година. Потоа, пет заболувања кај деца од 3 до 6 години, шест кај деца од 7 до 9 години, четири кај деца од 10 до 14 години, две кај тинејџери од 15 до 19 години, 18 кај млади од 20 до 24 години. Кај едно дете од седум до девет години било забележено малигно заболување на дигестивниот систем, девојка од 15 до 19 години со малигно заболување на дојка. Не се регистрирани малигни неоплазми кај малите деца на респираторни органи.
Инаку од Центарот за јавно здравје во Битола посочуваат дека во 2016 година неоплазмите како причина за смрт со вкупна бројка од 382 умирања или стапка од 208,1 умирања на 100.000 жители, се на второ место после заболувањата на циркулаторниот систем со 1161 умирање или стапка од 632.6 на 100.000 жители. Во вкупната смртност тие се застапени со 17.8%.
Во Република Македонија, пак, стапката на смртност на 100.000 жители од малигни заболувања во 2008 година изнесувала 169,9, во 2009 година 173.8, 2010 година 171,5 а во 2011 година 172,5 а во 2015 180,7.
Ж. ЗДРАВКОВСКА