АКТИВИСТИТЕ ПРОТИВ РУДНИКОТ ИЛОВИЦА НАЈАВУВААТ ПРОТЕСТИ, КОНЦЕСИОНЕРОТ СЕ ОТКАЖА ОД КОРИСТЕЊЕ ЦИЈАНИД

    АКТИВИСТИТЕ ПРОТИВ РУДНИКОТ ИЛОВИЦА НАЈАВУВААТ ПРОТЕСТИ, КОНЦЕСИОНЕРОТ СЕ ОТКАЖА ОД КОРИСТЕЊЕ ЦИЈАНИДАктивистите од „Здрава котлина“ сметаат дека компанијата „Еуромакс рисорсис“ има направено низа правни пропусти од договорот со што се отворени сите услови за одземање на концесијата. (Фото: СДК.МК)

    Активистите против отворање рудници во струмичко, незадоволни што се одолговлекува постапката за одземање на концесијата за рудникот за злато „Иловица-Штука“ на планината Огражден, најавуваат протести преку кои ќе упатат порака до сите во државата, дека во струмичко не е потребен рудник. Тие сметаат дека компанијата „Еуромакс рисорсис“ има направено низа правни пропусти од договорот со што се отворени сите услови за одземање на концесијата, што Владата ја најави уште во април. Од здружението „Здрава котлина“ иницијатори на протестите сметаат дека нема да дозволат на мала врата да помине рудникот, кој за локалното население е непожелен.

    „Ние со овој протест што го закажавме на 16 јуни, сакаме да упатиме порака до сите оние што заговараат отворање на рудникот Иловица-Штука дека ќе се соочат со силен и жесток отпор од локалното население кое нема да дозволи рудник од отворен коп над нивните глави. Нека знаат сите релевантни институции, меѓународни инвеститори, но и концесионерот, дека повеќе од 90% од локалното население е против изградба на рудникот Иловица-Штука и експерименталната највисока брана во светот за складирање на отровна јаловина“, велат од „Здрава котлина“ и тврдат тврди дека има докази за криминални дејства за инвеститорите и други инволвирани лица за кои во подготовка се кривични пријави.

    „Нека не си играат со нашето трпение, зашто се целосно прочитани и што побрзо нека си заминат од овој питом крај што сакаат да го направат пустелија. Воедно, овој протест е и во насока на поддршка на премиерот да постапи по законите кои треба да се еднакви за сите доколку сакаме правна држава и светла иднина. Сметаме дека две години се сосема доволно време кое државата ги толерираше каприците на манипулативниот концесионер, кој не успеал да ги запази законските прописи“, додаваат од „Здрава котлина“.

    Активистите од ова еколошко здружение, тврдат дека концесионерот требало до 24 јули 2014 да ја обезбеди дозволата за експлоатација, но дозволата ја немаат бидејќи сè уште немаат доказ за решено имотно правни односи за локацијатa каде ќе се врши експлоатација, геодетски елаборат, главен рударски проект, план за управување со отпад и решенија за вода, сообраќајна согласност за приклучок на јавен пат.

    Компанијата ,,Еуромакс рисорсис“ тврди дека ги има сите документи кои можеле да се обезбедат во услови на ограничена моќ на дејствување на државните органи за време на техничката влада и политичката криза во земјава.

    „Компанијата ги има доставено сите неопходни документи што произлегуваат од концесијата а кои можеа да се достават, имајќи предвид дека одредени процеси доцнеа поради политичката криза во Македонија и ограничената моќ на одлучување на техничката Влада која ги следеше препораките на државната Комисија за борба против корупцијата“, информираат од компанијата од каде тврдат дека проектот Иловица-Штука нема да има негативно влијание врз здравјето на луѓето и земјоделството оти одлучиле да не се користи цијанид ниту пак било какви хемиски супстанци а златото ќе го издвојувале единствено преку физичка флотација.

    „Еуромакс рисорсис одлучи да не користи цијанид во процесот на преработка на рудата во рамки на овој проект. Компанијата нема да го менува основниот начин на преработка, а тоа е производство на концентрат за извоз преку процес на флотација и не предлага примена на нова технологија. Флотацијата е физички процес, кој вклучува дробење и мелење на рудата до многу ситен прав и физичкото одвојување на минералните зрна кои содржат скапоцени метали, како бакар, злато и сребро, од минералите што немаат вредност. Процесот на флотација не вклучува хемиско разложување или третирање на рудата“, велат од компанијата, чија инвестиција ќе изнесува 350 милиони евра со околу 500 работни места.

    Лани за изградба на овој рудник се одржаа референдуми во општините Ново село и Босилово на чија територија треба да никне, но поради слаба излезност на граѓаните, истите беа неуспешни. Владата пак го чека мислењето на надворешните експерти за да утврди дали се исполнети условите за раскинување на договорот за концесија за рудникот за злато Иловица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира