1. Македонија е во транс, падната на коленици, обвиткана со тага и болка за големиот Македонец со име – Саво. Единствен начин да се смири вознемиреноста кај македонскиот народ и да му се врати сигурноста и вербата во посветла иднина е да му се препорача на мандаторот на владата, д-р Никола Кљусев, министерското место за образование и култура повторно да му го даде на проверениот Саво Климовски.
Тоа можеби ќе биде мал чекор за Кљусев, но голем за Македонија. Рехабилитирајќи го за сите гревови Саво – херојот на нашето време, македонскиот премиер ќе докаже дека живее со страдањата на македонскиот народ и ги уважува нивните духовни потреби, деновиве искажани со стотици пораки: “Те сакаме Саво!”
На ова најмногу ќе се израдуваат илјадници македонски средношколци, што прва година запишуваат, на пример, во насока: “Пресадувачи на цвеќиња од саксии”, а во четвртата матурираат со наставна програма од специјалноста: “Калемење овошки во зимски услови”. Но, благодарноста кон нивниот министер е многу поголема, зашто секоја втора сабота одат на екскурзии по македонските планини и на тој начин ги одработуваат деновите од првото полугодие кога штрајкуваа нивните професори.
Ако Кљусев го задржи Климовски како специјалист за образование, ќе му дозволи да ја истера докрај теоријата за менлив образовен систем. Но, што да се прави, времињата се менуваат, а со нив и Саво. Па и самиот тој уште можеби и додека не сонуваше дека еден ден ќе биде толку важна личност, по него да се потресува цела нација, објавуваше научни дела од областа на самоуправното интересно здружување. А сега вели дека СИЗ-овите се промашена работа. Исто така што воинствено го бранеше насоченото образование. А сега пак ги враќа гимназиите.
2. Кога е во прашање Саво Климовски, сé е можно, па во неговата бурна кариера му се случи и тоа како министер за култура да го затвори театарот во Куманово. Тоа што во светот министрите за култура обично отвораат, а не затвораат културни институции, за наши прилики не важи. Исто како што не важат некои нормални политички однесувања и потези. Инаку, како можеше да се случи човек што на изборите бил кандидат за пратеник на Странката на Југословените во Македонија, толку да им се допадне на некои кругови во партиите на Македонското национално единство, за да го предлагаат да добие орден за заслуга за народ. Личноста се вика Саво Климовски, а заслугата се состои во тоа што прв пат во официјалната комуникација, на една конференција за печат, го употреби зборот: “Шиптари”.
Кога Саво повторно би седнал во министерската фотелја, тоа би бил најдобар доказ за широкоградоста и добродушноста на новиот македонски премиер. Истиот тој Саво пред четири години седеше во владата што го измисли генијалниот закон за пензионирање и не се потресуваше што од македонските факултети и научни институции ги исфрли сите оние што имаа над 60 години. Меѓу нив беше и Никола Кљусев.
3. Додека Саво Кимовски со сета своја македонска национална страст се бореше против албанизирањето на образовните институции во западна Македонија, некои пратеници во македонското собрание упорно се обидуваа од своите колеги да направат полиглоти. Само што малку се подзаборави на заканата од Хисни Шакири, изречена на српски јазик, дека “ќе дојде ден во овој парламент да се зборува на албански”, во завчерашното издание на “Вицотека” (заштитено име за седниците на Собранието на Љупчо Георгиевски) Томе Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, поддржувајќи го барањето на својот претседател за оригинална презентација на изјавата на Министерството за надворешни работи на Бугарија, рече дека таа може да биде поделена и на бугарски јазик. Штета што не беше поделена. Ќе беше тоа добра шанса за докажување на познавачите на бугарскиот јазик, а и практична вежба за бившите софиски ученици и студенти.
4. Во недостиг на јазичните вежби, на македонските простори се практикува вежбање со пукање од огнено оружје. Во Охрид секцијата на ВМРО-ДПМНЕ побарала од Стрелачкото друштво користење на стрелиштето за обука и тренинг со оружје. Во градовите низ западна Македонија драстично е зголемен бројот на барањата за поседување оружје. Во Битола општинскиот СВР го одбил барањето за дозвола за револвер на претседателот на Управниот окружен одбор на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Црномаров. Дозвола побарале и неколкумина пратеници на оваа партија од Битола.
Инаку, во Македонија нема вооружени паравоени формации. Се вооружуваат поединци.
5. Црвено Куманово овој пат не го споменувам. Во интерес на безбедноста на нашиот тамошен дописник и во интерес на мојата лична заштита од бројните анонимни писма со поштенски жиг “Куманово”. Конечно и во интерес на зачувување на инвентарот на дописништвото на “Вечер”.