Гркот Евангелос Паскалидис (37) доби 8 и пол години затвор затоа што беше фатен како пренесува 309,5 килограми марихуана. Тој беше прогласен за виновен во Основен суд Велес за кривичното дело ,,Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги“.
Освен што доби затворска казна на обвинетиот му е изречена и споредна казна „Протерување странец од земјата“ во траење од 10 години, сметано од денот на протерувањето од територијата на Македонија, а одземен му е камионот „сканија“ во корист на државата. Одземената марихуана ќе се уништи по правосилноста на пресудата.
На висината на изречената казна влијаело и тоа што Паскалидис во Грција има одлежено казна затвор за трговија со мигранти. До правосилноста на пресудата Паскалидис, кој е сопственик на камиони за превоз на стока, останува во притвор. Тој пак негираше дека е виновен и дека дрогата му е подметната.
„Стоката беше наменета за превоз и спакувана беше доставена до магацинот. Никој не ја отпакува и како таква беше префрлена во камионот. Јас немав никаков допир со неа. Можев со камионот да минам преку Бугарија, Романија, Унгарија, земји членки на ЕУ и на ниту една граница немаше да ме сопрат. Јас се решив да возам преку Македонија поради поевтината нафта, оти знаев дека не носам ништо нелегално“, рече во своја одбрана Евангелос.
Според обвинителката Славица Темелковски, доколку обвинетиот не ја прегледал стоката која ја превезува и не го проверил камионот, тогаш свесно се согласува со последиците кои настануваат при превозот. Пресудата не е правосилна. Три дена подоцна по соработката на македонската и грчката царина, во истото складиште од каде тргна овој камион беше пронајдена марихуана во количина од 450 килограми идентично спакувана во вреќи со ориз.
Марихуаната беше откриена на 28 јануари годинава на граничниот премин Богородица, на влез во Македонија. Дрогата Паскалидис ја пренесувал во товарно возило „сканија“ со грчка регистарска ознака. Во возилото, меѓу разновидната стока (облека, рутери, профили, канти поликолор…) наменета за превоз од Атина до Вупертал, Германија, пренесувал и 95 вреќи ориз од Камбоџа со крајна дестинација Керкаде, Холандија.
Во 75 вреќи, покрај оризот биле најдени алуминиумски вреќи обвиткани со фолија каде се наоѓала марихуаната. Ако се продавала на големо цената би чинела 800 илјади евра.
П. ПЕЧКОВ