Драгослав Огњановиќ, еден од најугледните српски адвокати, кој, меѓу другите, го застапуваше и Слободан Милошевиќ, е убиен синоќа во Белград.
Педесет и седумгодишниот Огњановиќ е застрелан пред зградата во којашто живееше, а во атентатот во Нов Белград е повреден и неговиот постар син, потврди министерот за внатрешни работи.
„Слушнавме неколку истрели и истрчавме да видиме што се случува. Видов маж облечен во црно како бега од местото на злосторството“, кажа еден сведок.
Огњановиќ во последно време беше адвокат на најпознатиот српски мафијаш Лука Бојовиќ, како и на неговите семејство и соработници.
Тој, исто така, беше дел од правниот тим на Слободан Милошевиќ за време на судскиот процес во Хаг.
Ликвидацијата на Огњановиќ е само продолжение на крвавата низа, откако изминативе години повторно се разгоре војната помеѓу наркокланови од Србија и Црна Гора.