ХАУГ ХАУГ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:130:"Поданицитенаголемитепоглавицизабрзаносеселатвовечнителовишта

    1. Просто се чудам како да ја споделам радоста со премиерот Кљусев, затоа што Бугарите му дале цврста гаранција дека нема да дозволат разговори за Македонија без нејзино присуство на најавениот, па во последен момент одложен состанок во Атина. Доколку бев злобен, дури и ќе му се радував на состанокот, бидејќи Грците имаа незаменлива можност да го нагостат Милошевиќ, когошто нивните партнери во Европската заедница исклучително го ценат  како прв крвник во Европа и сериозен кандидат да му го преземе водечкото место на Садам Хусеини на светската топ-листа. Само, веројатно старата дама го искара своето јужно недораснато чедо, па сега Бугарите можат да се искомплексираат, не оти токму тие го одложија состанокот и ја спасија Македонија.
    Штом дознав за откажувањето на средбата во Атина, за да се “приберам”и си дојдам на себе, седнав да пишувам “Сакам да кажам”. Веројатно од истата причина и големобугарската националистичка ВМРО – Македонско друштво “Вардар” од Благоевград, седнала да му пишува писмо на Кљусев. Во него му порачува дека “со задоволство ја следела неговата посета на Софија” и “верува дека таа е почеток на нов тип односи меѓу Република Бугарија и Република Маке­донија”.
    И потпретседателот на Владата Блаже Ристевски на конференцијата за новинари рече дека “сегашниот израз на добра волја на бугарското државно раководство ни дава надеж дека тензиите ќе попуштат и во блиска иднина можеме да очекуваме смирување на одредени страсти”. Потпретседателот Ристевски е историчар. Старата латинска поговорка вели “Историјата е учителка на животот”. А во историјата секогаш кога Бугарија давала надеж, за Македонија излегувало безнадежно.
    Премиерот Кљусев изјави дека “не сакале да влегуваат во кавга”. Иако според логиката на бугарскиот претседател Жељу Желев такво нешто едноставно не е можно. За караница се потребни најмалку двајца. А ние според бугарскиот лидер не постоиме. Не постои ни Кљусев.

    2. Затоа пак, во неговата влада сé уште постои најмакедонскиот министер Јордан Мијалков. Со таков епитет го закити најмакедонската пратеничка група во македонското собрание. Според тоа како претставниците на ВМРО-ДПМНЕ запалено го бранеа министерот за внатрешни работи на целата јавност ѝ стана јасно колку Владата ни е експертска, стручна и натпартиска.
    Ако се случеше, како што предлагаше пратеничката Ратка Димитрова, целата оваа работа да се префрли во кафеана, на маса, со чашка ракија, во “здрав” машки разговор, јавноста немаше да дознае дека експертноста на министерот на поли­цијата се состои во апсење, а неговата стручност ја потврдува сомневањето дека со “чистење” мислел да тргне по ред. Од главата, накај опашката. Освен тоа, Со­бра­нието на Македонија се најде како најпогодно место за расправа по оваа тема, затоа што ретко која кафеана работи во околу 3-4 часот по полноќ. А и да се најдеше кафеана за 120 гости во ниедно време, кој можеше да гарантира дека пратениците меѓу себе немаше и “машки” да се степаат. Па да почнат да ги вадат пиштолите од внатрешните џебови. И во тој случај ќе им требаше арбитражната комисија на чело со Стојан Андов. Кој во фин дипломатски манир, во раните утрински часови спречи судир од пошироки размери со историската реченица на собраниското заседание: “Чекајте бе, госпоѓата Димитрова сака пак!”.

    3. Тоа што му успеа на Стојан Андов  никако да му успее и на лордот Каринг­тон, на кој Европа му довери многу покомплицирана задача отколку онаа со ми­рењето на црнечките племиња во Африка, со која своевремено се прослави. Ги седна во Игало на иста маса поглавицата Накострешена Коса Што Зборува Англиски, поглавицата Блажена Насмевка На Ајкула и големиот врач Топ Што Сонува Југославија и ги натера да си речат: “Хауг!”. Ама не успеа да ги натера да го испушат лулето на мирот. Накострешена Коса Што Зборува Англиски не сака да се откаже од својата омилена кубанска пура. Дури ни по цена Американците да ги натераат Кубанците да се преориентираат на марлборо. Во тој случај Србија ќе мора да ја почне решавачката битка за ослободување на Куба. Сега кога дури и СССР реши да ја напушти.
    Меѓуплеменските борби продолжуваат. Поданиците на големите поглавици забрзано се селат во венчните ловишта.

    4. Како што извести “Борба” од пред неколку дена, програмите на локалните радио-станици во Србија се преполни со музички желби за испраќање на септем­вриските регрути во ЈНА. Најбарана песна е: “Марширала, марширала краља Петра гарда”.
    Оттука, сосема ми е нејасен револтот и гневот на родителите од Македонија, чиишто синови минатата недела беа однесени во прекоманда низ хрватските ловишта. Имаат таква чест, децата да им бидат кралски гардисти.

    5. Уште еден прилог кон потпишувањето на племенското примирје – членот на Претседателството на СФРЈ Бранко Костиќ – Корен, во паузата меѓу два вегетаријански оброка изјави: “Има малку најдемократски земји во светот, кои во својата земја би дозволиле вакво воздржано однесување на својата армија”.
    На ова Борисав Јовиќ лаконски би додал: “Штета што немаме барем една атомска бомба!”.
    Хауг!

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира