1. Премиерот Бранко Црвенковски ги повика медиумите да му помагаат да ги откриваат аферите со корупцијата на власта. Ако дознаеме нешто, било за оваа власт, било за минатата, ние треба да го потсетуваме Бранко за да реагира. Кога ја даде оваа изјава, тој не кажа колку време наназад треба да го потсетуваме. Оти, еве ние го потсетивме за становите на Верушевски и за антибиотиците на Илија Филипче, ама на Бранко не му се слушаше.
Ако треба да го потсетуваме уште наназад, ќе мора малку да ги свртиме весниците. Кога веќе премиерот не замолува да му помогнеме, еве да му го споменеме случајот ТАТ и министерот со тренерки. Или, случајот “Хард рок”. Дали ќе му биде доволно да го потсетиме на 28-те килограми хероин што исчезнаа од депото на МВР во 1998 година? Или, на телефонската централа во Министерството за финансии вредна 200 илјади евра. Или, зошто Фондот за здравство од 1991 до 1998 година направил загуба од 100 милиони евра? Толку, за почеток, ако веќе до помош стигнала работата.
Само, се ми се чини дека Бранко не вреди да се потсетува. Оти, прв министер за внатрешни работи што јавно проговори за корупциски скандали беше Павле Трајанов. Штом Павле го потсети Бранко, овој го смени.
2. Марјан го виде Али. Тоа зборува добро за неговата партија. Таму нема само криминалци. Таму има и луѓе со општа култура. Марјан Ѓорчев не само што добро изгледа, добро се носи, живее со стил, обожава вили на езеро, и на сето тоа е и културен.
И зошто сега неговите му се лутат што се ракувал пред цела нација со злосторникот Ахмети? Што мислеа тие во ВМРО-ДПМНЕ кога откупуваа цели страници во весници за огласи против комунистичко-балистичката власт? Дека никогаш нема да дојдат во прилика да бидат во иста соба во Ахмети. Или, му се лутат што Ахмети не ги примаше во Шипковица кога преговараа дали да завршува војната, или не. Не е виновен Ѓорчев што благодарејќи на изгубената војна под нивно водство, сега Ахмети не само во Собрание, туку и кај Папандреу оди на гости.
3. Ванчо Муратовски беше кај спикерот Никола Поповски да бара синдикатот да влезе во телата на собранието. На пример, во Управните одбори на фондовите за здравство и за пензиско осигуравање, во Заводот за вработување и во Македонската телевизија. Плус, се пофалил дека синдикатот бил заинтересиран за вклучување во антикорупциската кампања на власта.
Не беше соопштено дали Муратовски ќе се вклучи во антикорупциската кампања откако Синдикатот ќе го плати данокот од над 5 милиони денари, или веднаш.
Во правна држава се плаќаат даноци.
Муратовски вели дека е правник. Значи не е неписмен.
4. Откако Муратовски ќе го плати данокот, министерот за социјала Јово Манасиевски ќе ја плати социјалната помош. Ама, само на тие што имаат потврда дека имаат струјомер. Тој не ги брои сиромашните семејства, туку струјомерите.
Министерот Манасиевски воведе нова дефиниција за сиромаштија. Кој има струјомер, тој е сиромав. Ако немаш струјомер, не ти следува социјална помош. Влегуваш во друштвото на богатите.
5. Претседателот Трајковски при неодамнешната прошетка низ Кумановско, не го посетил Липково. Албанските медиуми во Македонија го обвинија дека таму не отишол, оти се веело албанско знаме. Тоа го демантираше портпаролот Борјан Јовановски. Тој рече дека Трајковски не бил во Липково затоа што немал време. А бидејќи немал време не се ни запрашал што бара да се вее албанско знаме во Македонија.
Плус, Јовановски рече дека впечатокот на Трајковски бил дека генерално ситуацијата во Кумановско е добра.
Значи не било до знамето. До времето било. На Трајковски времето му е скапо. Знамето не му е.
6. Во САД лапсузите на претседателот Џорџ Буш веќе влегоа во речникот на англискиот јазик. Меѓу бушизмите се и зборовите “препотценува” (силно потценува), “одгорчи” (спротивно на загорчи) и “надвор-насочна” (како надвор-насочна надворешна политика).
И Борис Трајковски, како човек на Американците не смее да остане покус од Буш. И ние борисизми за Буш имаме. На пример, пред Нова година, Трајковски на интервјуто за телевизија рече дека ќе ја приложи на увид имотната листа “во недогледно време”. Тоа недогледно време е кога претседателот ќе прави “ретроперспектива” на неговиот живот. Кога ќе ги пишува претседателските мемоари, во тишината на “светската некропола” – Охрид.