ИСТОРИСКА СЕГАШНОСТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:60:"СадамсетресеодракатанаБорис

    1. Историјата ни е одамна прочитана. Откако постои идејата за самостојна Македонија, уште од она ВМРО на Гоце Делчев, Македонците се тепаат меѓу себе.
    Кој го уби Ѓорче Петров? Кој го уапси Ченто? Кој го предаде Кузман Јосифовски – Питу? Кој го уби Кочо Рацин?
    Судбина ни е брат да го држи на нишан другиот брат. Едниот во ровот на Бугарите, другиот во ровот на Србите.
    Исто е и сега. Кој не верува нека ги погледне снимките од блокадите кај Стенковец. Од една страна лавови, од друга страна полицајци. Кај нас и тоа е нормално. Полицајци да се тепаат со полицајци. Не би биле тоа што сме, ако не ни се случеше и ова. Би го нарушиле историскиот континуитет. На самоуништување.
    Ова е веќе видена работа. Знаете кога ќе биде невидено? Кога АНА и ОНА ќе се гледаат преку нишан.

    2. Во Македонија веќе не е популарно да се брои кој колку украл. Во обид да заборавиме колку претходната власт крадеше, сега истите ни воведуваат ново хоби. Тоа е броење кој сѐ му пружил рака на Али Ахмети.
    Со броењето стигнавме до претседателот Борис Трајковски.
    За разлика од неговиот сопартиец Марјан Ѓорчев, кој со Ахмети се поздрави од општа култура, Трајковски му пружи рака куртоазно. Куртоазното ракување беше толку срдечно, што кога Борис ја фати раката на Али, толку долго и толку силно ја стискаше што Али за малку ќе останеше без рака. Освен тоа, за разлика од случајната средба на Марјан, оваа на Борис била со план. Оти претседателот ништо не прави без план. Па, така амбасадорите полека-полека го приближувале Ахмети кон Трајковски, кој божем незаинтересирано си дошол на прием кај Германците и Французите во еден скопски хотел. Овој најнов план на претседателот за приближување кон новиот лидер на Албанците во Македонија ќе добие име “Чекор по чекор”. Името на планот доаѓа од иницијативата Ахмети и Трајковски со помош на меѓународната заедница чекор по чекор од различни страни на салата да се ракуваат на средина.
    Ај што се ракуваа, разменија и неколку збора. Ахмети на Борис му рекол дека имаат заедничко минато. А Трајковски му одговорил дека имаат заедничка иднина.
    Кое е заедничкото минато? Прво, и двајцата биле репресирани од претходниот режим. Второ, и двајцата дојдоа со насилство на власт. И трето, и двајцата се избрани со гласовите на Албанците.
    А која е заедничката иднина? Ако ја сфатил пораката на Ахмети за минатото, тогаш не ни бега Борис со уште еден мандат за претседател на државата. До кога само Ахмети со себе ќе носи преведувач кога ќе разговара со претседателот? Додека Борис не научи албански.

    3. Претседателот е ценет во Македонија, ама ценет е и во светот. Вчера Буш му испрати писмо со кое му се заблагодари за поддршката да го победи тероризмот и да го елиминира оружјето за масовно уништување во Ирак.
    Откако Борис успешно ги елиминираше терористите на Шара и Карадак и со хеликоптерите го освои Арачиново, нека му ја мислат Американците. Кај и да е, Садам ќе им влезе во Конгресот, а Буш куртоазно ќе се ракува со него.

    4. И додека Трајковски го решава ирачкото прашање, ВМРО-ДПМНЕ бара од него да им ги спасува уапсените.
    Само, на Борис веќе ВМРО-ДПМНЕ не му е ниво. Неговиот портпарол испрати порака дека додека не заврши судската постапка, притворените не се во негова надлежност. Тоа значи дека прво треба да бидат осудени, за да може Борис да ги помилува.
    Додека не ги затворат, тој за нив не сака ни да чуе.

    5. Во училиштата нема доволно нафта за греење. Додека новата власт цела есен се занимаваше со менување на директорите, заборави да провери дали има доволно нафта. Гледајќи кој ќе се стопли во директорска фотелја, заборавија за затоплувањето на училниците.
    Учениците не се важни. Важно е за директорите да нема зима.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира