1. Бранко по повод стоте дена од неговата влада даде интервју и ни кажа дека водата не ја фаќа новата даночна стапка. Ние сме биле неписмени и не сме знаеле дека водата е храна.
Тоа значи дека во Македонија нема да има глад. Ако нема леб, ќе јадеме вода. Ова ќе биде општество на изобиле на храна. Како што се изнаврна годинава, ќе се здебелиме од вода. За добра линија ќе мораме да држиме диета со леб.
Единствено ми е страв како ќе биде во Прилеп, ако Кичевчани пак не им ја пуштат водата од Студенчица. Во Прилеп ќе настане хуманитарна криза. Прилепчани ќе умираат од глад. Ќе немаат вода за јадење.
Убедувајќи не дека покачувањето на даноците е за доброто на сите, Бранко не убеди и дека водата е за јадење. А за полесно да ја проголтаме приказната, додека џвакаме вода, ќе пиеме нафта.
2. И струјата со новиот данок е поскапа. Ама Бранко рече дека нема да поскапи. И тој и министерот за финансии Петар Гошев се деца на договорната економија. Па, ако решила ЦК оваа година струјата да не поскапува, нема да поскапи. А бидејќи ЕСМ е јавно претпријатие, тоа значи дека тоа што нема да поскапи, ние ќе го платиме. Ќе заштедиме на вода, за да плаќаме струја.
Во времето кога Петар Гошев беше СКМ – Партија за демократска преобразба, се уште беа актуелни петолетките. Во новата Бранкова четворолетка, во интерес на мирот и стабилноста на оваа влада ќе плаќаме евтина струја. А после – ќе ни се сневиди.
3. Пред 5 години Бранко велеше дека ни СДСМ ни свети СДСМ нема да бидат заштитени во тогашната борба против октоподот.
Сега продолжува во истата духовна мисија. Како Мојсие што ги донесе божјите заповеди, и Бранко како господов пратеник ја допиша 11-тата заповед. Нема никому да гледа низ прсти.
На Конгресот на СДСМ немаше ниту еден глас против Бранко. И тие што биле против, фрлиле неважечки ливчиња. Се исплашиле. Со Господ не се игра. Тој се гледа и казнува. Замислете Свети Бранко да им фрли ровја.
4. Ете дури и Бучковски кој цело време тврдеше дека безбедносната состојба во државата е стабилна, го смени мислењето откако светецот на телевизија кажа дека се можни и вооружени провокации. Министерот за одбрана успешно не утеши. Тој кажа дека по 1945 година качачките банди низ западна Македонија напаѓале и наредноте 6-7 години. Така што, околу 2010 година, АНА ќе ја нема.
Има една важна разлика од 1945 до 2003 година. Тогаш качаците се криеле во планините. А сега се шетаат во градовите. А кога сакаат да се скријат – бегаат во Парламентот.
5. Една жена си го претепала детето до смрт оти тоа плачело за јадење. Таа е на слобода, а сите мудруваат што да прават, оти сме немале закон за семејно насилство. Ако отепаш дете, тоа е убиство и одиш в затвор. А ако отепаш сопствено дете, тоа не било убиство, туку било семејно насилство.
Социјалните работници знаеле за случајот, ама не направиле ништо.
Жената случајно е Ромка и некој мислел дека кај нив така се живее. Значи државата стоела на страна и гледала како ладнокрвно се убива дете.
6. ВМРО-ДПМНЕ влезе во медиумска кампања. Закупуваат страници во весници и не потсетуваат на се што сме пишувале за криминалите на СДСМ. Сега ги препечатуваат текстовите што ние ги објавувавме додека тие владееја. А за 4 години на власт ништо не направија.
И уште се лутат кога сега им пишуваме дека навистина биле неодговорна власт.
7. Џафери споро зборува, ама брзо заборава. Колку ќефлија беше кога го потпишуваше Рамковниот договор, а сега не му чини.
И после некој нека рече дека не биле во дослух со Љубчо.
8. Завчера во “Александар палас”, американскиот амбасадор Лоренс Батлер ги собра на ручек за 150 долари македонските министри и бизнисмени.
Ручекот доаѓа како утеха. Тие што не биле на доручек кај Буш, барем ручале со Батлер.