1. Бранко Црвенковски и Али Ахмети повторно имаа билатерална средба. Овој пат разговарале за битни уставни прашања, како што се пасошот и употребата на албанскиот јазик.
На средбата на Бранко и Ахмети присуствувале и американскиот амбасадор Лоренс Батлер и претставникот на ЕУ Алексис Брунс. Така се води вистинска држава. Кога двајца коалициони партнери во владата разговараат во присуство на меѓународната заедница.
Мислам дека е најдобро Лоренс Батлер да стане премиер на оваа држава. Ионака научил да игра оро, па ќе го биде. Ама, се плашам дека и тој не би ја прифатил оваа престижна, ама одговорна функција. Затоа што за се што ќе прави, ќе мора да ја прашува Америка.
2. Гледајќи како Бранко и Али се среќаваат на меѓународно ниво, како премиери на две држави, за да не остане покусо, и претседателот Борис Трајковски посака да има таков меѓународен третман. Отсега, кога ќе треба да води разговори со Владата за некои битни прашања, како што е именувањето преговарач за името, ќе се консултирал со експерти од различни области.
Од Кабинетот на премиерот одговараат дека на Бранко не му требаат експерти кога ќе разговара со Борис. Засега комуникацијата им била одлична. Но, што ако сепак премиерот и претседателот кога ќе разговараат за битни прашања заглават во разговорите. Што ако преговорите меѓу Бранко и Борис станат јалови и непродуктивни, како оние со Грците во Њујорк, а претседателот “има интенција да даде нов импулс во преговарачкиот процес”, како што убаво би се изразил портпаролот Борјан Јовановски. Тогаш, на средбите на Бранко и Борис ќе треба да се именува и олеснувач. Или, како што тоа американизирано би го срочиле советниците на шефот на државата, “фасилитатор кој ќе ги супортира разговорите со што би се дал спид-ап на процесот”.
Портпаролот на претседателот Борјан Јовановски, во врска со најавените експертски тимови изјави дека шефот на државата, за разлика од други функционери што мислат дека знаат се, барем има доблест да признае дека не знае се, па за тоа што не го знае треба да се советува.
Ете сега нов проблем за министерот Гошев и Меѓународниот монетарен фонд. Експертите на шефот на државата треба да се плаќаат од буџетот. За да се покријат дупките во знаењето на претседателот, Гошев ќе треба да најде пари за платите и хонорарите на експертите. Што поголема е доблеста на шефот на државата да признае што се не знае, толку поголеми ќе бидат зафаќањата од џебот на граѓаните. Колку повеќе Борис не знае, толку поголема ќе биде дупката во буџетот. Ставката ќе биде книжена под името – Борисова дупка.
3. Зошто ако амбасадорот Иван Тошевски бил сменет како претставник во преговорите уште одамна, како што велат во Кабинетот на претседателот, тој пред една недела седеше со Метју Нимиц, со Црвенковски, Митрева и Трајковски во кабинетот на шефот на државата? Дали човекот бил натрапник, или таму бил во улога на бивш преговарач на бившата југословенска република Македонија?
Тие нам ни продаваат приказни дека водат којзнае каква политика. Те експерти, те процеси, те консултации, те тактизирања, те импулси, те меѓународно право, те историчари, географи…
А тоа – Фрчкоски сакал да биде преговарач за името. За да не биде неговата желба апла кажана, измислија дека тоа ќе бил голем преговарачки тим на експерти од сите области. Фрчко знае дека Бранко не го сака, па уште пред изборите самиот си се промовираше како шеф на преговарачкиот тим. Арно ама, заборавија за тоа да го известат Нимиц и генералниот секретар на ОН.
Во меѓувреме, Бранко стана премиер и како што се очекуваше не сака ни да слушне за Фрчко. А Борис си држи до свое. Претседател е човекот, тоа дури и Бранко му го признава и решава: “Нема да биде ни по мое, ама нема да биде ни по твое”. Значи: “Нема да биде Фрчко, ама нема да биде ни Вања”.
Додека Бранко уште мисли дека си игра мајтап со Борис, неговиот портпарол Борјан стана поважен од министерката за надворешни работи Илинка Митрева.
Кај нас не е важно името на државата. Важно е името на преговарачот.
4. Дупките во домашното воспитување на децата ќе ги покриваат полицајците со тоа што ќе ги затвораат кафеаните.
Државниот секретар на МВР Радивоје Јовановски пред некој ден велеше дека уште пред пет-шест години тие спровеле акција на рано затворање на кафулињата, ама тогашната опозиција ги организирала младите да се преселат на падините на Водно.
Со чии возила, младите одат на Водно? Татковците ли им ги дале колите, или ги украле додека полицајците контролирале бандероли? Со чии пари малолетниците купуваат алкохол во гранапчињата? Или, не даваат пари, туку се запишуваат на рабуш на сметката на нивните родители. Колку може полицијата да води сметка за децата, покажува случајот кога ни нивниот Верушевски не можеше да си го сопре малолетниот син да му ја земе службената кола и да ја удри.
Кој ги облекува малолетните девојчиња со мрежести чорапи да личат на проститутки? Кога мајката ќе си ја пушти ќерката така од дома, полицијата ли треба да ја пресоблекува? И кој плаќа пари да му се направи песна на деветгодишно девојче што преправено во естрадна звезда на “Сител бамбини” и “Златно слевејче” пее дека не и требал дечко!?
Родителите велат дека им купуваат мобилни на децата за да ги контролираат. Им ѕвонат среде ноќ за да проверат каде се. Ако не им се јават, може се убиени. Од синот на некој што покрај мобилка, на детето му купил и пиштол.