1. До кога Перо Гошев ќе не казнува зошто сме гласале за ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година. За се му е крива владата на Љубчо Георгиевски. Цел мандат ќе му помине, а тој нема да престане да плаче. ВМРО – ДПМНЕ му ја зафкна функцијата министер за финансии. Многу трошеле и тој сега не може да ништо да направи. Од 1991 година Перо се спрема да ни ја оправи економијата, ама не може од ВМРО да мрдне.
Затоа и направи ист буџет како оној на ВМРО-ДПМНЕ. За да продолжи да ни се одмаздува. Ќе плаќаме данок и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Па за 120 илјади вработени во јавна администрација ќе плаќаме ние 160-те илјади вработени во приватни фирми. А какво ни е стопанството, ќе работиме само за администрацијата на СДСМ. Некој мора да ги плати повратниците од 1998 година, па макар и со договор за дело. Болен здрав носи.
Баш ме интересира дали кога Гошев ќе ги пополни дупките што му ги остави Љубчо, ќе ги намали даночните стапки. Или, воопшто нема намера да ги пополнува дупките. Си има тој оправдување до следните избори. Или, до првата реконструкција, скраја да е.
П.С. Порака до загрижените либералдемократи од гошевистичкото крило: Текстов не е нарачан од Бранко.
2. Со Перо, или без Перо Владата решила да штеди. Еве, Бранко ги ограничил министрите да можат да трошат на мобилен телефон до 8.000 денари. Затоа министрите кога се во странство не се достапни. Ако ги бара Бранко, или не дај боже врховниот командант Борис, тие или не му се јавуваат, или му спуштаат телефон. Штедат. А во штедењето одат до таму што за нови мобилки со неограничени можности се гребат кај приватни фирми. Некој мора да ја плати нивната жртва за државата.
Дека ова со мобилките не е чиста демагогија потврди и портпаролот Сашо Чолковски. Тој за еден сериозен весник најсериозно изјави дека владата штедела и за осми март. Тие на жените им дале само по еден цвет, за разлика од претходната влада која делела парфеми и шамии. Ете до каде оди штедливоста. Ако на другарките од СДСМ не им дале парфеми, белки заслужиле покрај цветот да добијат барем по една шамија. Црвена, на пример. Па сите сложно да запееме: “Другарице посадимо цвеќе, куда војска друга Тита креќе…”
Ова не е штедење само на зборови. Ова е штедење и на дело. Еве, на Клиниките во Скопје им давале само по две ролни-тоалетна хартија дневно. Портпаролот се уште сериозно не ни соопштил како на ова поле штедат и министрите.
Мора сите да го платиме данокот на реформите. За после да ни биде поубаво. Замислете, кога еден ден ќе осамнеме со три ролни хартија, наместо со две. Исто како во Албанија. Кога се споредуваат со времето од Енвер Хоџа, велат: “Добро е, сега барем дрвата не мора сами да ги цепиме”.
3. Уште пред еден месец побаравме од Владата да ни каже колку советници се вработени во министерствата, колку нови се донесени со договор за дело и колкави им се платите и хонорарите. Два пати испраќаме писмо и одговор нема. Ниту пак некој навестил дека ќе даде.
Го молам премиерот да ургира кај службите да ни одговорат. Оти, можеби тие кријат од него. Не за друго, туку да покажеме дека СДСМ е подобар од ВМРО-ДПМНЕ.
И да помогнеме колку може. Ако го знаеме бројот на вработени и хонорарци во министерствата и државните фирми, лесно ќе се пресмета колку тоалетна хартија треба. Иако, за партиска хигиена, најдобро е да си седат дома.
4. Тоа што тунелите на автопатот кон Гевгелија се темни не е во рамките на општото штедење. Светилките на тунелите не се менувале оти на работниците им студело во зима и имало провев.
И после ќе се чудиме зошто го ослободиле КФОРОвецот за сообраќајката во која погина министерот Стојковски сосе семејството. Во Данска судот рекол дека патот не бил соодветно одбележан.
А тука некој си државен службеник Миле, одговорен за автопатот за ВЕСТ изјавува дека светла во тунелот нема оти има провев. Е па ајде тогаш да ставиме врати на тунелите.
5. Нешто не ни тргна во војнава како што треба. Ова нашиве сојузници, Америка и Англија не го симнуваат Садам, толку брзо како што Борис очекуваше од нив. Ама, не губиме надеж. Буш и Блер велат дека ќе се борат колку што треба за да ги ослободат Ирачаните. Ако треба, и до последниот Ирачанец.