1. Кој сака нека си се смее со Борис. Фино ни го смести. Претпладне одобрува прислушување и кршење на елементарните човекови права, а попладне лета за Стразбур и зборува за почитување на човекови права. За инает на сите што го викаат будалетинка, фикус, раткапна, шутрак, а најмногу за оние кои не го признаваа за претседател, туку за граѓанин, Борис ни докажа дека веќе не е смешен. Тој станува опасен.
Ако денеска како шеф на држава го злупотребил правото за да си ја помилува пријателката Доста, кој ни гарантира дека утре нема да ја злоупотреби функцијата врховен командант и не ги извади тенковите пред Собрание за да си го одбрани кабинетот. Смејте се вие. И барајте начин да му побарате одговорност. Додека најдете свој кандидат за претседател, тој веќе се спрема за втор мандат.
2. Гледате што вика другарка му Доста. Дека “со нејзиното остранување од функцијата би се ослабела позицијата на претседателот на државата, пред претстојните претседателски избори”. Луѓе, тој сака да биде претседател по втор пат!!!
Доста уште вели дека ова и било намерно направено пред конгресот на ВМРО-ДПМНЕ и дека со ова би се попречило нејзиното враќање на политичката сцена.
Значи, сега е јасно:
а) Доста прислушувала
б) Борис сака да ја преземе државата
в) Доста сака да го преземе ВМРО-ДПМНЕ
Затоа и Борис не и останува должен на другарката. Вели дека со нејзиното кривично гонење ќе се нанесела штета на функционирањето на безбедносниот систем. Значи безбедноста на државата зависи од ушите на Доста. Не ја нарушувајте безбедноста. Оставете ја Доста да слуша.
3. Зошто Трајковски ја помилува Доста за прислушувањето? Затоа што како шеф на државата навистина сака да биде претседател на сите граѓани. Во секое време да знае што зборуваат. Ама и тој беше прислушуван. И сега пак го одобрува прислушувањето. Зошто? Затоа што сака и самиот себе да се преслушува. Оти не знае што зборува.
4. Кога Борис ги потпишуваше амнестиите на припадниците на ОНА, велеше дека со помилувањето ќе ги ресоцијализира.
Ресоцијализација му е потребна и на Бесник Фетаи. Не за друго, туку ако Хрватите го екстрадираат може да биде загрозена безбедноста на државата. Ќе скокнат учките и ќе ни фрлат некоја бомба.
Ресоцијализација му е потребна и на Војо Михајловски. Глупо е пред претстојниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ да му се попречи враќањето на политичката сцена од Шутка.
Значи исто е и со Доста. Сега откако е помилувана, Борис ќе и помогне полесно да се ресоцијализира.
5. По ова правниците нека си ги запалат дипломите. Денеска Борис му вели на Бранко: “Каде ти е ТАТ?”, а вчера одобрил елементарно кршење на човековите права. Доста денеска се фали дека го гонела Земунскиот клан и го потсетува Бранко дека знае некои работи за поврзаност на организираниот криминал со Србија, а вчера Бранко ги вадеше транскриптите од разговори за кои таа дала наредба да се прислушуваат.
Во оваа држава фиоките се отвараат по потреба. Не за доброто на државата, туку за да земат поголем плен.
Кој е овде помочан, а кој е покакан. Смрди на сите страни
6. Сте слушнале ли нешто убаво во последно време? Пораснало ли нешто во државата освен цените и бројот на вработените во државната администрација.
Денот кога ќе биде следната странска инвестиција ќе го прогласиме за државен празник.
7. Во април 1993 година, кога не примија во ОН, претседателот Киро Глигоров рече дека референцата “поранешна југословенска република Македонија”, ќе биде привремено име за два-три мсесеци.
Колку споро минува времето. Два-три месеци, чиниш десет години.