КОМУНИСТИЧКИ МАНИФЕСТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:91:"АконебешеИлијаФилиповски,ќебешеБесникФетаи

    1. “Владата на Република Македонија ги повикува сите граѓани, како и сите државни службеници и лица кои донесуваат одлуки да се оттргнат од корумпираното минато и да влезат во светла иднина…”
    Овој јавен проглас не е повик за борба против балистичките банди од 1945 година. Ова не е повик за учество во работна акција за градење на пругата Шамац – Сараево. Ова не е извадено од ѕиден весник на некоја фабричка хала пред реформите во шеесеттите години за натфрлање на норми за посветла иднина.
    Ова е проглас на Владата на Македонија од понеделничната седница. Ако не ви се верува, на него има и печат и потпис на Агенцијата за информации, а од факсот се гледа дека е испратено од Кабинетот на портпаролот.
    По ваквиот манифест со кој Бранко и неговите министри ја најдоа формулата како ќе не водат во посветла иднина, не ни останува друго, освен да воскликнеме: “За татковината со Тито напред, другар Бранко, ние ти се колнеме, во иднина нема да крадеме”.

    2. Бидејќи Владата во истото соопштение вели дека “ќе се заложи на сите нивоа на власт во земјава да се постигнуваат успешни резултати и да се создава погоден амбиент”, би било интересно да се види на кое ниво е донесена одлука за успешен резултат за свињите што умираат од глад во Куманово. Нивото е високо. За судбината на свињите ќе одлучува министерот за економија Илија Филиповски. Тој на пратеничко прашање што ќе направи Владата да се спасат свињите што умираат од глад, одговори дека прво треба да се испита во централниот депозитар чии се акциите во фармата.
    Сега ќе стигне нов проглас: “Владата ги повикува свињите да се стрпат додека Министерството за економија не изврши ревизија на нивните акции и да не се јадат меѓу себе, со цел заедно да ја дочекаме светлата иднина”.
    Во “Животинската фарма” на Орвел организатори на револуцијата беа свињите. Внимавај Бранко. Свињите ти се бунтуваат. Штрајкуваат со глад.

    3. Ај да се кладиме со министерот Филиповски уште колку дена ќе преживеат свињите чекајќи го депозитарот. Како со нафтата. Наместо одговор зошто уште ќе плаќаме скап бензин заради неговиот договор со Макпетрол, тој одговори дека никој не можел да се клади пред војната во Ирак колкава ќе биде цената. Ние мислевме дека Министерството за економија знае да ги предвиди економските движења. А тоа ти работело на принцип на спортска кладилница. Што убаво ни го спушти министерот Филиповски: “Што ќе беше ако цената на нафтата беше 60 долари?”
    Ај да се кладиме дека и тогаш ќе ја рипнеа цената.
    А што ќе беше ако министер за економија не беше Илија Филиповски? Ќе беше Бесник Фетаи.

    4. Ако си оди Љубчо, се надевам дека Бранко веќе нема да излегува избезумен од Влада и да не преплашува дека војната само што не почнала. А и Гошев на економски собири, како оној од минатата недела во Охрид, наместо да се колне дека нема да дозволи поделба на Македонија, веројатно ќе почне да зборува и за економија.
    Го знаеме Љубчо де. Тој се покажа и кога беше премиер. А и народот си кажа што мисли за него, па ве избра вас. Уште Љубчо ќе ви биде авторитет? Ако со една колумна тој може да дига берлински ѕидови и да раселува народи, а вие сте на власт, не знам зошто воопшто го правиме муабетот.

    5. На Љубчо за се му се виновни подлизурковците, новинарите и меѓународната заедница. На Бранко за се му е виновен Љубчо.
    Што ќе прави сега Бранко без Љубчо? И тој ќе се повлече?

    6. Тајто, кој минатиот септември го претепа кумановскиот новинар Зоран Божиновски во просториите на радиото “Тумба”, деновиве е вработен како полицаец.
    Портпаролката на МВР Мирјана Контевска вели дека тепачот, кој беше осуден на казна затвор во траење од една и пол година е примен во МВР во согласност со договорот меѓу припадниците на “лавовите”, претседателот на државата и премиерот. Според овој договор, за прием на работа во МВР се изземаат само оние припадници што извршиле тешки кривични дела како што се силување, трговија со дрога и убиства. Тајто е осуден за нанесување тешки телесни повреди. Виновен е новинарот што беше само претепан. Да беше убиен, или барем и силуван, Тајто не ќе се вклопеше во договорот на претседателот и премиерот и немаше да стане полицаец.
    По тепањето на Божиновски, Здружението на новинари организираше масовен протест на новинарите пред зградата на МВР. Носевме маички со натпис: “Тука сме, тепајте!”.
    Сега нема кој да ни облече маички со натпис “Тука сме, убивајте”. Еден од тогашните организатори стана портпарол на Владата.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира