Лешочкиот манастир денеска го одбележува својот патронен празник „Успение на Пресвета Богородица“ или кај народот попознат како Голема Богородица. Овој голем празник е причината во Лешок да дојдат посетители на само од Тетово и околните места, туку и од цела Македонија, па и од странство. Едно од главните обележја на овој празник во Лешок е панаѓурот кој има вековна традиција.
„Според сознанијата до кој дојдов, панаѓурот во Лешочкиот манастир почнал да се организира веднаш откако Кирил Пејчиновиќ добил дозвола од турските власти да го возобнови манастирот. Тоа било во 1817/18 година и од тогаш, за Голема Богородица, покрај сите верски обичаи кои ги спроведуваме, се организира и еден ваков панаѓур“ вели старешината на Лешочкиот манастир отец Теодосиј.
Во минатото, овој панаѓур бил главната годишна атракција на христијанското население од полошкиот регион. Речиси било незамисливо да не се дојде во Лешок и нешто да се купи од бројните тезги кои биле поставувани во манастирскиот двор. Па дури и настанот, опеан во познатата македонска народна песна „Сардисале Лешочкиот манастир“ се случил на овој празник во 1905 година. Тогаш манастирот бил опколен од турската војска која барала некои комити за кои мислеле дека се скриле во манастирот. Турците не можеле да влезат во манастирот зошто тогаш бил опколен со високи ѕидови. Во манастирскиот двор имало 3.000 верници, а најмногу жени и деца. Благодарение на тогашниот игумен Еротеј, по 5 дневна опсада, турската војска се повлекла, а народот можел да си замине во своите домови. Игуменот Еротеј се грижел за сите 3.000 верници кои се нашле во манастирот па за време на опсадата на манастирот за да ги прехрани сите потрошил 82 товари жито, 8000 оки вино, 3500 оки ракија, 60 оки масло, 150 оки сирење, 100 оки ориз, а биле заклани 14 вола, 2 бивола и 48 овци и кози.
Лешочкиот манастир во 2001 за време на конфликтот целосно беше разрушен неколку денови пред овој празник, но веќе наредната година, покрај рушевините повторно се чествуваше Голема Богородица и имаше неколку панаѓурски тезги како доказ дека традицијата не може лесно да згасне.
И додека во минатите времиња овој празник во Лешочкиот манастир се одбележувал со многу песни и ора со зурли и тапани, денес панаѓурот донекаде ја задржал својата автентичност, но нивите времиња и овде носат бројни промени. Вечерта спроти празникот тука се одржува веќе традиционалниот Фолк фест фестивал на македонска народна музика а додека во околните ливади се организира рок журка. И ако порано најмногу се продавале домашни производи и шарени шеќерчиња, денес на бројните тезги поставени во манастирскиот двор се продава сé и сешто. Преовладува кичот, но за посетители тоа и не е толку важно, важно е да се дојде тука, да се чествува празникот и задолжително нешто да се купи. Постарите најчесто купуваат икони.
„Јас сум веќе четврта година на овој панаѓур. Продавам икони кандила, крстови. Најмногу се купуваат иконите на Света Богородица, на Свети Никола но годинава многу е барана и иконата на Светите врачи Кузман и Дамјан“ вели Наташа од Прилеп која на нејзината тезга продава репродукции од икони.
Најголема гужва е околу тезгите со пластични играчки. Многу деца гледаат, бираат, мечтаат а повремено се слуша по некое плачење зошто не е купена саканата играчка.
„Не е како минатите години, денес има помалку народ, но сепак продажбата е добра. Најмногу одат балоните со ликови од цртаните филмови, пиштолите, куклите. До вечер мислам дека ќе продадам уште многу играчки и ќе усреќем многу деца“ зборува еден од продавачите.
Една од традициите на ваквите панаѓури е да се испроба среќата, но и вештината. Најпозната е играта на фрлање алки со цел да се погоди грлото од шишето со ракија на кое има залепено некоја банкнота.
“Луѓето многу сакаат да си ја пробаат среќата но и да покажат колку се вешти. Најчесто промашуваат но вчеравечер еден го погоди шишето на кое имаше 50 евра и друго шише со 1.000 денари“вели Пипи кој секоја година е редовен учесник на памнаѓурот.
Секако, еден панаѓур е назамислив без богата скара и пиење, а за децата тука е неизбежното стапче со шеќерна волна.
З. АНДОНОВ