1. Еј човече, ја сакам оваа игра. Колку е убаво да си американски амбасадор во Македонија. Претседателот на државата ни во тоалет не оди без да добие дозвола од Батлер. Премиерот се тресе што ќе кажат Американците за секој потег. Со него одат на лов, тој им организира вечери, без него не стапнуваат низ западна Македонија.
Ова е вистинска американска работа. Како во лигата на НБА. “Ај лав дис гејм!”. Ќе излезат двеста селани во планина, ќе го блокираат патот и – ете ти политичка криза. А кризата, нели се решава само со дипломатски средства. Се појавува министерот за внатрешни работи Хари Костов и во улога на министер за надворешни работи ја ангажира цела дипломатска колонија во Скопје да го деблокира патот.
Голема работа е да се оди во Вејце. Прво треба да се помине низ Селце. И не може во еден наврат да се помине цел пат.
Па почнуваат преговори. Рамковни договори, соживот, заедништво, кафе, чај, по некоја згодна Европејка, локално население што си имало мака, преговарачи, САД, ЕУ, НАТО. И на крај се појавува Али Ахмети и им порачува на селаните да им бидат добри домаќини на нажалените роднини. Паѓа договор за неколку дена сите да се сретнат пак на истото место. Во играта влегуваат и медиумите. И тие стапка по стапка го бележат секој момент од трнливиот пат до Вејце.
Знаете ли зошто Си-Ен-Ен не ја прекина програмата за да извести дека Хари Костов, Ричард Батлер и останатите влегле во Селце? Затоа што не можат да предвидат кога ќе влезат и во Вејце. Таму се влегува потешко отколку во Багдад.
2. Бидејќи ситуацијата на теренот е многу сложена, и американскиот амбасадор беше воздржан во давањето изјави. Се разбира ако не му ја броиме онаа дека тоа е слично на неговата ситуација кога мајка му би посакала веднаш по војната да оди во Виетнам каде што загинал татко му.
Гледаш, Битолчани, чии деца загинаа во заседа на Шара пред две години се уште мислат дека Вејце е во Македонија. И кога тргнале да им оддадат почит не се спотерале во некоја далечна туѓа земја.
3. Во првиот обид, роднините не успеаја да стигнат до местото на масакрот затоа што “посетата не била добро организирана”. А кој треба да ја организира? Може ли во оваа држава да се оди кога сакаш, со кого сакаш и каде сакаш без никаква најава, без медиумска помпа, без дипломатската поддршка на Хари Костов или за се треба да се повикува американскиот амбасадор.
Најубаво е за потребите на Владата на Македонија, американскиот амбасадор да формира туристичка агенција. Па ако некој сака да шета низ Македонија, да си го најми “Батлер турс”. Замислете утре да одите на планинарење на Шара и таму да вознемирите некое овчарче од Рамковниот договор. Веднаш се блокира автопатот Скопје- Тетово. Или, не дај боже да ловите риба во Дебарско езеро. Гостивар ќе остане без струја. Затоа, најевтина варијанта ви е да си го изнајмите “Батлер турс”. Не знаете кога ќе ви затреба. Денес за патување, утре за организација на венчавки, крштевки и други свечености со пеење и пукање. И нема веќе “Запознај ја татковината за да ја сакаш повеќе!” Отсега ќе биде: “Запознај го Батлер за да си ја запознаеш татковината!”.
4. По промоцијата на новиот приод на полицијата, се очекува во иднина криминалците да не се апсат, туку дипломатски да се убедуваат. Сообраќајците веќе нема да казнуваат за прекршоци. Полицајците ќе преговараат со возачите. Па и тие што пукаат по улици ќе бидат третираани со дипломатски ноти.
Сигурно затоа полицијата уште не соопштува кој пукаше во една кола со свадбари во скопската населба Капиштец. Луѓето го видоа црвениот “мерцедес” од кој се пукаше, му ја запишаа и табличката, ама полицајците уште не го нашле пиштолџијата.
Ќе да е црвениот “мерцедес” со познатата табличка некој од “онаа” страна на Вардар. А за таму, на полицијата и треба “Батлер турс”.
5. Зошто се копа низ цела Македонија и се бараат можните јами на киднапираните Македонци? Зошто СДСМ не си го праша коалициониот партнер барем каде приближно да копаат. Тие што киднапираа сега им седат во Владата и во Парламентот. Ако тие не знаат, кој друг би знаел?
Во Србија, по две години го најдоа телото на Иван Стамболиќ, веднаш откако ги фатија луѓето од Земунскиот клан. Значи, информација за тоа каде се киднапираните има. Само треба да се праша на вистинското место.
6. Владата штеди на сите фронтови, па и на лековите. Кога ќе прашате сега зошто нема лекови со сини картончиња во аптеките ќе ви одговорат дека крадел Војо Михајловски.
Е па Војо Михајловски повеќе од четири месеци е во затвор, а народот не го гласаше на 15 септември за лекови да – има. Чудно, ама вистинито. И кога ви се правдаат дека лекови никогаш и немало, се ми се чини дека кога народот еуфорично излегуваше на митинзите на Бранко и компанија, покрај другото сигурно си помислувал дека кога тој ќе дојде на власт лекови ќе – има. Чудно, ама вистинито.
Којзнае, можеби власта избрала најефикасен начин на штедење. Ако нема лекови, луѓето ќе умрат. А кога ќе умрат, нема да им требаат лекови.
Само, ќе остане ли некој за да ги гласа?