1. Зошто Хари Костов не покаже малку поголема ширина во толкувањето на рамковниот договор. Наместо во акциите по кризните региони да пушта мешовити полициски сили, нека пушта само Албанци. Нели одеа на курсеви, имаа обука по европски и американски стандарди. Тие се способни сами да ги фатат криминалните структури во нивните села. Зошто Хари ги мачи Македонците. Ај што им прават метеж на колегите Албанци во борбата против криминалците, туку и не прават разлика кој е бандит, кој е терорист, а кој бивш терорист. Вака, нека си одат сами, нека си ги апсат. Тие си ги знаат и приватните ординации каде што се лечат ранетите криминалци. Се разбираат и од човекови права, така што во иднина Стејт департментот сигурно нема да и забележува на Македонија дека полицијата ги крши човековите права. А знаат и каде е фамозниот непознат правец кај што бегаат сите криминалци во Македонија, па и нивните.
Башка, чиста работа. Нели после акцијата во Сопот Али Ахмети бараше од Бранко Црвенковски да се формира заедничка комисија за да се испита случајот. Седнаа тројца Македонци и тројца Албанци во присуство на претставник од меѓународната заедница и го разгледуваа етничкиот состав на полициската екипа што интервенирала и дали ги пречекорила овластувањата. Вака, ако полициските единици не се мешовити, ниту Али ќе мора да му се правда на некојси командант Чакала, ниту пак мониторите на ОБСЕ и ЕУ ќе бидат на мака да ја оценуваат акцијата. Сега Бранко ќе мора да побара од Али Ахмети комисија да испита како на мешовитата полициска единица во Раковец им избега Саит Рушити. И тоа ранет, и со силна поддршка на локалното население.
2. Државниот секретар на МВР Радиовоје Јовановски е убеден дека тероризам во Македонија нема. Дури и кога експлодираат бомби во центарот на Куманово. За него и фрлањето бомба во центар на град, е обичен криминал. И овој непознат сторител избегал во непознат правец.
Радивоје мисли дека му веруваме. А јас мислам дека дури ни портпаролката Мирјана Контевска не му верува. Ако ја тераат така да каже.
3. Зошто никој не објави каков е етничкиот состав на единицата што отиде да става ред во Ирак? Ако и таа сме ја направиле по рамковен договор, тешко на Ирачаните. И таму ќе се збунат со фаќањето на криминалните банди.
Затоа, подобро е само Македонците да го спасуваат Ирак. Ако не можат дома, ќе се покажат во странство. Ние мислиме локално, ама делуваме глобално. Таму криминалците нема да бегаат во непознат правец. Кај и да одат – пустина.
Ај што мислиме на светскиот мир и редот во Ирак, туку и за здравјето на Ирачаните сметка ќе водиме. Испративме и медицински екипи. Сироти Ирачани. Како да не им беа доволно сите бомби што им паднаа, па уште и македонското здравство треба да ги снајде.
4. Европската унија ни ослободи кредит од уште 10 милиони евра. Тие биле пари за поддршка на платниот биланс. Тоа значи дека со тие пари ќе треба да им ги вратиме кредитите што ни ги дале порано.
Кога 10 милиони евра ќе се поделат на 2 милиони жители, излегува дека Европа ни позајмила по 5 евра на човек. Таман да се напиеме пиво. Тоа ти е како да испиеш три пива во Скопје. Или, ако сме Европејци, едно пиво во Брисел.
Гледајте сега. Кога ќе седнете во кафеана и ќе нарачате пиво, знајте дека го враќате кредитот на Европската унија. Со второто пиво веќе ви се причинува дека сте дел од евроинтегративните процеси на Западниот Балкан. Со третото пиво не одите ни кон ЕУ, ни кон НАТО, ни во непознат правец. Одите кон тоалетот. Забрзано.
И што се пет евра? Како дошле, така отишле.
5. ЛДП излезе на прес конференција и соопшти дека ќе и предложи на Владата еднострано да ги укине визите за земјите од Источна и Средна Европа кои наскоро ќе станат членки на ЕУ.
ЛДП е дел од Владата. Нејзини министри седат на седниците на Бранко Црвенковски. Ако е така, излегува дека Владата и предлага на Владата. А пред тоа и соопштува на јавноста што ќе и предложи. Дали ЛДП мисли дека јавноста ќе изврши поголем притисок врз Владата затоа што тие како коалиционен партнер ја немаат таа сила.