1. Италијанците имаат обичај да смислуваат вицеви еден ден по некоја последна значајна вест. Меѓутоа, за Југославија – нема вицеви. Или вестите ги претекнуваат во време или работата ептен не е за смеење.
2. Во секој барем малку пристоен ресторан или во било која слаткарница во Рим можете да уживате во убавините на Македонија. И тоа за само 3-4 илјади италијански лири. Италијанците својата овошна сала ја викаат “мачедонија”. Кога ќе ги прашаш зошто токму така – не знаат да одговорат. Едноставно, за нив “мачедонија” е салата, напрвена од сите можни видови сезонско овошје, убаво декорирана. Одозгора украсена со крем.
Имав повеќе проблеми да им објаснам на моите италијански пријатели дека нивната “мачедонија”е слична на мојата Македонија. Целата е измешана. И ако недостига барем еден вид овошје, нема да биде – она вистинското. Како што би била еднолична и со блуткав вкус италијанската салата ако ја подготвуваат од конзерви и ако забораваат некој вид овошје. Разликата е само во тоа што немаме крем. Немаме на што да ја ставиме вишната што доаѓа над него.
3. Се надевам дека верните читатели на “Сакам да кажам” нема да се налутат што денес не ги споменувам моите омилени јунаци. Ставен сум на тешка мака да им пишувам писмо од Рим во време кога би можел да шетам по продавници. Сосема одвоен од она што би можело да ми биде добра тема за пишување. На пример, за конференцијата на генералот Кукањац. Или, за патот на Стипе Месиќ во Дубровник. Или, за преминувањето кон илегално дејствување на Љупчо Георгиевски.
Впрочем, тука неколкупати се сетив на Љупчо. Бидејќи имав задача да известувам од посетата на претседателот Глигоров и министерот Малески на Рим и Ватикан, имав единствена можност во живо” да се уверам во “македонската катастрофална државна политика”. Па, и самиот Де Микелис рече дека Македонија “никогаш не водела националистичка политика и не размислувала за решавање на кризата наметната со сила”. Катастрофа!
Сега, откако Љупчо си ја презеде обврската конечно да издејствува независност, и тоа директно во Америка, Македонија може да здивне. Има да нé признаат додека си изговорил ВМРО-ДПМНЕ.
4. Така, Италијанците нема да имаат време да го отворат козулатот во Скопје и додека да се свестат ќе мораат да го преуредат во амбасада. На што најнормално би било и ние да отвориме амбасада во Рим.
Ако случајно ме чита некој што е одговорен за таа работа, го молам да ме има предвид. Ако веќе не може да ме вработи како аташе за печат, би ми одговарало и некое место на “лево сметало”.
– Што си будала! – коментира колегата Јосиф Ќурчиев од Македонското радио, со кого деновиве се згрозувавме од “македонската катастрофална државна политика”, мерејќи ги римските улици. Ми вели: “Кога Македонија ќе биде независна, во Скопје ќе биде уште поубаво и побогато од Рим, па ќе сакаш да си останеш дома”.
Министерот Малески неговите зборови би ги прокоментирал дипломатски кусо: – “Нели”!?, а јас – “Сепак ме мрзи да чекам во редови пред бензински пумпи. Независни – а празни”.
Исто како што во еден ден се испразни Македонија од најодговорните луѓе во Републиката. Глигоров и Малески во Рим и Ватикан, Кљусев и првата лига на пејачи на народни песни во Австралија. Љупчо во Америка и Канада. Парламентарците, со Бранко Црвенковски, во Албанија.
За тоа време слатката овошна салата наречена “мачедонија” ферментира. Може да ни скисне.
5. Фрлив паричка во познатата Фонтана ди Треви. Велат, кој ќе фрли, сигурно пак се враќа во Рим.
Аривидерчи Рома. Следниот пат можеби ќе дојдам со македонски пасош. Можеби ќе летнам директно од Скопје, а не од Белград. Но, најмногу од сé ќе се радувам ако имам барем пари, за да можам да порачам една најголема порција “мачедонија”. Со многу крем на нејзиниот врв.
М-М-М…