ПАРАВОЕНА ФОРМАЦИЈА СЕ ЗАКАНУВА ДЕКА ЌЕ ВОВЕДЕ ЈАВЕН РЕД И МИР ВО СЛОВЕНИЈА

    ПАРАВОЕНА ФОРМАЦИЈА СЕ ЗАКАНУВА ДЕКА ЌЕ ВОВЕДЕ ЈАВЕН РЕД И МИР ВО СЛОВЕНИЈАПедесетина маскирани луѓе се гледаат на снимките и нивниот лидер Шишко признава дека оружјето што го имаат не е пријавено (Фото: Фејсбук - Новице)

    Претседателот на Словенија, Борут Пахор, изрази загриженост, откако на интернет се појавија снимки од вооружени членови на воена група, предводена од неговиот поранешен противкандидат Андреј Шишко.

    Шишко, кој на снимките ги обучува милитантите, вели дека неговата група ќе воспостави ред доколку биде потребно тоа, додавајќи дека не прават ништо нелегално. Тој, сепак, признава дека оружјето што го користат не е регистрирано од словенечките власти.

    Пахор изјави дека за таква група нема место во држава која е членка на Европската Унија.

    „Претседателот Пахор смета дека Словенија е безбедна држава, во којашто на ниту еден неавторизиран поединец не му е дозволено да се грижи за безбедноста и за границите на државата“, се вели во соопштението на кабинетот на Пахор.

    На фотографиите се гледаат 50-ина маскирани вооружени луѓе, предводени од немаскираниот Шишко, кој освои 2,2% од гласовите на ланските избори. Тој ја именува групата како „Штаерска гарда“, додавајќи дека таа се состои од неколку стотици луѓе, кои, ако е потребно, ќе обезбедат јавен ред и мир.

    „Полицијата сѐ уште не нѐ посетила, но го очекувам тоа. Не чиниме ништо погрешно и сме заинтересирани за соработка со полицијата“, вели Шишко, кој смета дека Словенија би требала да прими мигранти само доколку тие ја прифатат словенечката култура.

    Од полицијата велат дека почнале истрага за случајот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира