1. Акцијата за разоружување е успешна. Имаше доволно талончиња за да се поделат сите награди. Кога пред некој ден ја гледав албанската Натали како ги меша талончињата во малото чинијче, се исплашив дека за малку разоружувањето ќе беше неуспешно. Мислев дека ќе нема доволно талони колку што имаше награди.
Повеќе талони има кај Сузана Турунџиева за огноотпорни садови, отколку талони од пушки за автомобили кај Софија Куновска. И тоа билингвална, оти на првиот канал зборуваше македонски а на третиот канал ја синхронизираа на албански јазик.
Тоа што даваат мобилни телефони е затоа што во војната бомбите ги викаа мобилки, а во терористичките акции бомбите се активираат со мобилки. Ама, зошто ли им текна да даваат машини за шиење? Затоа што во благосостојбата што ќе настапи во разоружувањето не треба да уживаат само мажите, туку и жените. “Седела сам за машином, шила сам, питали ме команданти чија сам…”
Машините доаѓаат како благ премин од воено во цивилно расположение. Си имал машинка, а сега имаш машина. Освен тоа, машините за шиење се и тоа како потребни за стопанската реформа на Бранко што не чека идната година. Жените на командантите ќе имаат многу работа. Ќе шијат знамиња. Им се шири територијата.
2. Борис му испрати телеграма на Буш со честитки по повод апсењето на Садам Хусеин. Во телеграмата вели дека многу го израдувала веста за апсењето на Садам. “Во овие среќни мигови за сите нас, но пред се за граѓаните на Ирак, дозволете ми во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име да ви упатам честитки за големиот успех и воедно со Вас да ја споделам големата радост”, стои во телеграмата на Борис до Буш.
Чудно како од радоста што не може да ја сподели, па мораше да пишува телеграма, на Борис не му текна да прогласи државен празник во Македонија. Зошто успехот на Американците е и наш успех.
Вака вели Борис во телеграмата: “Република Македонија со својата воена мисија е дел од коалицијата која треба да ја исполни заедничката кауза, а тоа е демократска, просперитетна и модерна држава Ирак. Заедно почнавме, ќе останеме со САД толку колку што е потребно и ќе заминеме заедно по исполнувањето на нашата цел”.
Како што напишал Борис, можеби ќе ги добие претседалските избори. Во Ирак. Народот ќе го избере. За да им направи демократска, просперитетна и модерна држава. Како нашата.
3. Џавит Асани плаче по затворите во Македонија. Сакал тука да лежи. Преферира квалитетни затвори. Во Македонија има одлични услови за него.
Борис му е должник уште од изборите. Ќе го амнестира. Иде Нова Година. А идат и претседателски избори.
Министерот за правда Иџет Мемети ќе го пушти со кауција. Еднаш тој веќе избега откако плати кауција.
Ако избега, Хари нема да го лови. Не му е во дневната активност.
А на Бранко ич не му е гајле. Тој си ја негува коалицијата.
4. Јани Макрадули од СДСМ ни кажа како функционира Парламентот во ноќните часови. Тој ја обвини Ганка дека му дошла на спикерот Јордановски во непристојна близина. А тој се уплашил и и вика: “Не скокај Ганке!”. Три бај-паса имал човекот. А и за едно метро е под Никола Поповски.
Сопратијката на Јани, Каролина Ристова дообјасни: “Во ноќните часови подобро се запознаваме!”.
Пратениците велат дека за да ги издржат ноќните сеанси лежеле во фотелјите. Некои биле до дома да се преслечат во неформална облека. Што понеле? Влечки, ноќници, пиџами…
Што да помисли човек по вакви изјави? Ем си се приближуваат во непристојна близина, ем лежат по фотелји, ем неформално се облечени и така – подобро се запознавале.
Башка, сигурни си се, ги чува обезбедувањето. Дискрецијата е загарантирана.
5. Бранко му даде на Али Ахмети се што посака. Нови граници на општините, нов закон за државјанство, уште еден универзитет…
Што остана уште? Референдум. И да ни каже кога да си ги спакуваме куферите.