1. Бранко прво велеше: “Ни СДСМ, ни свети СДСМ нема да се спаси во борбата против октоподот”.
Потоа не убедуваше: “На 15 септември…”
Пред Новата година постојано ни повторуваше: “Во 2004 година…”
Владата се пофали дека лани сме имале 50 милиони евра странски инвестиции. А Бранко вети дека во 2004 ќе имаме најмалку 200 милиони повеќе. Бидејќи оваа година, како престапна ќе има 366 дена, значи дневно во Македонија ќе се истураат по 683.060,11 евра. Според моите пресметки, до синоќа на полноќ веќе требаше да бидат влезени 1.366.120,22 евра.
Поради празниците, влезот на странскиот капитал малку доцни. На граничните премини имале голема навалица. Странски инвеститори трпеливо чекаат да влезат во Македонија и да ги рокнат своите пари. На премините се создаваат тесни грла, па инвеститорите стануваат нервозни. 2004 година дојде уште пред два дена, а тие уште не влегле во Македонија.
2. Нормално е што странците чекаат да инвестираат кај нас. Спикерот на Парламентот Љупчо Јордановски изјави дека е многу задоволен од демократијата. Во оваа земја молчењето е загарантирано. Што повеќе молчиш, толку повеќе си дел од демократијата. Па Јордановски заклучува: “Бидејќи никој не бара збор, дискусијата е завршена”.
3. Пред да дојде СДСМ повторно на власт, Македонија беше еднојазична држава. Со најновиот парламент станавме двојазична. А со парламентот на Јордановски Македонија е на добар пат да се претвори во безјазична држава.