1. Наставниците штрајкуваат под мотото “Да и го вратиме достоинството на професијата”. Какво ли е тоа достоинство кога владата им пушта порака дека нема да им даде пари, туку ќе им даде топол оброк. Ќе им готви манџа. Малку инает на Никола Поповски, малку повеќе ароганција на Бранко Црвенковски, малку подопашништво на Ванчо Муратовски и рецептот за понижување на учителите на сопствените деца е – совршен. Повелете на казан.
Кога веќе одбива да преговара со синдикатот за хранарината, владата ќе покаже флексибилност и ќе преговара за локациите каде што ќе бидат поставени казаните. Дали ќе се групираат повеќе училишта на еден плоштад, за да им биде поевтино, дали во секое училиште ќе се распише тендер за угостител што ќе ја готви манџата или пак сите ќе доаѓаат со сопствените канчиња од дома за да каснат гравче на обновениот плоштад каде што се прават предизборните кампањи.
Оваа идеја учителите да се редат на големите одмори покрај казаните е одлична. Тоа докажува дека власта е загрижена народот да не му биде гладен. Утре кога ќе штрајкуваат и другите, рецептот за манџата го имаат. Ова е влада избрана од народот. Затоа и Македонија ќе стане народна кујна.
2. Неколку пратеници предложија изменета верзија на закон за вработување, кој ќе им дава одредени поволности на работодавачите. Тоа ќе бил нов вид на веќе видените бранкови закони.
Бранко веќе два пати правеше такви закони. Бидејќи кога ќе се каже “Бранков закон” веќе се тера мајтап, за да не се омаловажи новата идеја на неговите пратеници, овој закон нема да се вика “Бранков”. Новиот Бранков закон ќе се вика “Треќи пут”.
3. Министерот за социјала Јован Манасиевски изјави дека ги открил местата во неговото министерство кои се најподложни на корупција. Затоа предложи на следната седница на Владата сите министерства да направат список на корумпирани места и Владата да издаде каталог.
Ова е една од најдобрите идеи што излегоа од Манасиевски. Нема што да мислиш, кај да се акам, кому да платам. Си одиш на шалтер во Влада и си бараш: “Ве молам еден каталог на корумпирани!”. Повелете. И таму прецизно си е напишано каде треба да се обратиш.
Само, Владата би требало подетално да ја разработи идејата на Манасиевски. Покрај каталогот да отпечати и анекс – тарифник. Да се знае која е цената на секое корумпирано место.
Убаво рече Бранко дека за отварање на бизниси треба да се воведе едношалтерски систем. Нема што да се расправаш со корумпирани службеници. Ќе се создаде ефикасна државна администрација. На еден шалтер земаш каталог, вртиш ценовник, плаќаш и – си бркаш работа.
4. Агрон Буџаку знае дека е некаков министер. Ама не е сигурно дали знае на кое министерство.
Прво не знаеше што му се случува со поделбата на меѓународните дозволи за камионџиите.
Сега не знае дека бил поништен конкурсот за социјалните станови.
Министерот Буџаку е кадар на вистинско место. Тој е министер што не се меша во својата работа.
5. Што ми значи мене што Мендух Тачи е на црна листа на САД? Што ми е гајле што тој не може да патува во Америка?
Ама ми е гајле што ако веќе е на некоја црна листа значи дека направил некоја белја. А белјата не ја направил во Америка. Ја направил во Македонија.
Во Македонија сите се занимаваат со црната листа. Никој не се занимава со белјата.