1. На што личи тоа монитори на ОБСЕ да одат во Липковско и да посматраат како екипи на ЕСМ ќе ги пломбираат струјомерите на тие што крадат струја? Што е проблемот? Загрозено ли е човековото право да се краде струја, па сега екипите на ОБСЕ ќе испраќаат извештаи колку во Македонија се кршат човековите права во некогашните кризни региони.
Наплатата на струја во кумановско-липковскиот регион изнесувала 2 отсто. Во меѓувреме стигнала до високите 20 отсто. Но, ЕСМ прави напори таа да стигне до 30 отсто. Во убедувањето на луѓето да си ја платат струјата ќе се вклучат и активисти на ДУИ.
А зошто ги мачат припадниците на етничките заедници да плаќаат 30 отсто. Нели по рамковен договор треба да платат 25 отсто. Нема да им крадеме 5 отсто, па пак да си имаме беља, војна да ни направат.
Зошто ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ, а богами ни “Треќиот пут” не му помогнат на ЕСМ да си ги наплати сметките во источна Македонија, туку ги оставаат луѓето безмилосно да си платат струја? Ако е по рамковен договор, тогаш секој нека си плаќа струја во толкав процент, колку што покажа последниот попис.
Овие во Липковскиот крај не го почитуваат рамковниот договор. Замислете дури 67 отсто од домаќинствата краделе струја. Што е отстапување од рамковниот за цели 42 отсто.
Ај што не плаќаат струја, ај што 67 отсто од домаќинствата и крадат, ај што се потегнале мешани екипи на ЕСМ, градоначалници и политичари да ги убедат да си платат како сите други, па уште и меѓународно присуство мораше да се обезбеди. Зошто само ОБСЕ? Зошто на теренот не излезат и полицајците на “Проксима” и инструкторите на НАТО да го контролираат спроведувањето на основното човеково право да се краде струја. Ако и тие не успеат во здружената акција на ЕСМ и ДУИ, тогаш на помош нека се викнат меѓународните олеснувачи. Да ни се вратат Леотар и Пердју. Додуша, Леотар има некои проблеми дома, го осудиле на 10 месеци затвор условно зошто трошел државни пари за партијата, ама тоа му е дополнителна причина да дојде пак во Македонија. Ние ќе го амнестираме.
Јас лично се чувствувам многу фрустриран кога секој месец морам да си ја платам сметката за струја, сосе телевизиската претплата, а никој од ОБСЕ не ме посматра. Меѓународната заедница не е заинтересирана за тие што и плаќаат на државата. Таа се грижи за тие што не плаќаат.
2. Слаѓана Тасева стана и директор на Полициската академија. Таа ви е нешто како Тито. Има три функции. Ем член на антикорупциската комисија, ем директор на невладина организација, ем директор на полициска академија. Како тргнала, кога ќе го сменат Љубе Трпески, ќе ја стават и гувернер на Народна банка. Сите ќе не контролира. Таа е Слаќка за се.
Опасна ни е Слаќка. На сите ќе ни зема мерка. Таа му се закани и на Хари Костов да не помислува да и врши притисок во нејзината борба против корупцијата. Дури мисли и дека тоа што е директорка на полициската академија ќе и биде од корист за образованието на идните полицајци. Првата лекција е дека невладина организација нема ништо заедничко со владата. Тоа што таа е директор на владина институција е само по исклучок поради нејзините заслуги. Како дирекорка на “Транспарентност” Слаќка ќе ги подучува полицајците со примери од нејзината практика во борбата против корупцијата. На пример, ќе им објасни како да се купат три дуќани во Градскиот трговски центар во Скопје на име на мајки, шури, балдзи и слични доходовни роднински врски, а да не те фати антикорупциската комисија.
3. Бучко продолжува со спектакуларните потези што ќе и овозможат на Македонија да биде спомената во Истанбул на самитот на НАТО. Отиде да зема ум од кинеската армија. Доста Илинка правеше пробив во ЕУ преку Пекинг. Сега и Бучко ќе не внесе во НАТО со спектакуларен напад од далечниот Исток.
Во НАТО не се влегува со бугарски тенкови, туку со кинески компјутери. Сега со нас се две светски велесили. Имаме кинески компјутери со американски програми. Откако Рада го реши софтверот, Бучко го снабдува хардверот. Отворен е источен фронт за освојување на западната цивилизација.
4. Уште словачкиот претседател не беше стигнат ни до аеродром, работниците веќе ги враќаа полициските огради околу Собранието.
Во Македонија има многу невработени, но има и привилегирани професиии. Бидејќи местењето и разместувањето на оградите околу Собранието, Владата и Министерството за финансии е континуиран процес, тоа веќе станува дефицитарна професија. Местачите на огради ни ММФ не може да ги остави без работа.
5. Борис во Виница се пожали дека претседателските избори што треба да се одржат наесен нема да бидат фер.
Нема да бидат толку фер колку што беа оние во 1999 година, кога победи тој.