1. Граѓаните на Македонија покажаа дека ги почитуваат институциите на државата.
Ред е сега и институциите на државата да покажат дека ги почитуваат граѓаните.
2. Кога утре некој од државните функционери ќе каже дека нешто не може да се сработи оти нема пари, нема доволно луѓе, нема време, објективните околности не му дозволуваат, и слично, нека биде сигурен дека нема да му веруваме.
Видовме како брзо и ефикасно успеаја да го организираат погребот на претседателот Трајковски.
Сега барем знаеме две работи:
а) Тие можат да сторат се, ама не лажат дека немаат ни пари ни луѓе и дека тоа што го бареме од нив е којзнае што.
б) Заради нивните лаги и несакање да се занимаваат со својата сопствена работа нашиот квалитет на живот е никаков.
3. Ова што се случуваше цела недела ми прилега на домашна ситуација кога апансас ќе ти се најават гости. Тогаш набрзина, се потсуредува куќата, а валканото се турка под тепих за гостите да не видат какви сме.
Што ли работат службите во деновите кога не им умира претседател на држава?
Постојано прашувавме што се случува со сообраќајните знаци во Скопје. За една недела сите се сменети.
Постојано прашуваме кога ќе ги поправат расипаните семафори? За една недела, не ги поправија. Ги заменија со нови.
Сите ние имаме по некој близок што почива на гробиштата Бутел и со години се жалиме на калта во која цапаме, на ѓубрето околу гробовите, на чешмите што не работат… Мораше ли да загине претседател на држава за и обичните смртници кога ќе одат да ги посетат гробовите на блиските да не мора со себе достоинствено да си носат метла за да си го исчистат ѓубрето. Настрана што за секое гробно место ни земаат големи пари.
Како одеднаш се најдоа пари за проширување на паркингот кај капелата?
Од кога граѓаните што живеат во Чаир немаат видено цистерна за миење на улиците?
Во чест на претседателите што дојдоа на закопот, или во чест на граѓаните што плаќаат данок се најдоа пари за бојосување на оградите на булеварите.
Замислете, дури и ѓубрето го собрале!
Кого прашаа вака да се однесуваат? Дали ММФ и Светската банка им дадоа дозвола? Или, така им рекол Солана, а и НАТО немал ништо против!?
4. Требаше да умре претседател за да се види дека и нас за нешто не бидува. Покажаа дека знаат да организираме добар закоп. Белким сега ќе ни покажат дека знаат да ни организираат и добар живот. Доста закопувате, ајде сега нешто и да заживеете.