1. Штрајкувачите од “Алумина” се среќни луѓе. Фабриката уште утре може да пропадне. Најважно е дека нив ги примил премиерот. Најдоа време кога да штрајкуваат. Сите претходни штрајкувачи немаа среќа. Кога и да одеа пред Влада, колку и да беа упорни, ги примаше некој Кире од Кабинетот. Ни министер не сакаше да зборува со нив.
Бранко им ветил дека ќе им пушти струја. Проблем е што наскоро кога ќе почне претседателската кампања неговата функција ќе биде замрзната. Да не беше замрзнат, можеби ќе им пуштеше и вода.
Што им рекол Бранко на “алуминци”? Извинете, сега сум под мраз. Дојдете повторно кога ќе ме изберете за претседател.
2. Од идната недела Бранко нема да заседава со седниците на Владата. Со нив ќе заседава некој од потпретседателите. На пример Рада Шеќеринска. Кога нема да работи во Штабот на Бранко и кога нема да држи прес конференции, портпаролката на кандидатот за претседател ќе ги води и седниците на Владата.
Во Штабот на Црвенковски е третина Влада. Покрај портпаролката која се грижи за евроинтеграциите на државата, за поддршката на меѓународниот фактор ќе се грижи и министерката за надворешни работи Илинка Митрева.
Бучковски како министер за одбрана, ќе биде задолжен да го брани Бранко. Не толку од Кедев, колку од Ганка. Кедев ќе мавта со рацете, ама Ганка што може да му смисли, тешко дека и стратегијата “Со јато во НАТО” ќе му помогне на Бучко во одбраната на лидерот.
Манасиевски како министер за социјала, ќе дели социјални пакети, оти веќе нема време за броење струјомери.
Никола Поповски како министер за финансии, логично, ќе биде задолжен за парите.
И на министерот без ресор Владо Поповски ќе му најдат некоја работа. Нека матка нешто и во Штабот, како во Владата.
Штета што во Штабот на Бранко не го ставија и министерот за земјоделие Славко Петров. Таков способен кадар сигурно ќе ја направеше кампањата плодна и бериќетна. Ама, сепак државата е побитна од партиските активности. Ако одеше и Славко да работи за Бранко, кој ќе водеше грижа за пролетната сеидба?
3. Со ваков состав на изборниот штаб на Премиерот, гаранцијата за фер и демократски избори е несомнена. Особено што и коалициониот партнер ДУИ водел сметка ништо да не му избега од контрола. Таму шеф на штабот е заменикот министер за внатрешни работи Хазби Лика. А член на штабот е министерот за правда Иџет Мемеди.
Ако и во двата штаба нешто излезе од контрола, тука е Државната изборна комисија која е задолжена за спроведување фер и демократски избори. Еден од членовите на ДИК е Мери Младеновска. Таа е заменик министер за правда.
Ете така се влегува во Европската унија и во НАТО.
Ирскиот премиер Берти Ахерн порача дека за влез во ЕУ треба да си ја средиме економијата. Амбасадорот на НАТО Николас Бигман ја налути Илинка, оти рече дека требало да си го средиме судството.
Никој од нив не рече што треба да правиме за изборите. Можеби Македонија ќе влезе во ЕУ и НАТО баш како пример за фер и демократски избори.
4. Радмила Шеќеринска рече: “Што ако и јас не одам на работа, како потпретседател на Влада, кога и Кедев не оди на работа, како пратеник?” Пред тоа ни порачуваше да не се вознемируваме зошто министрите се членови на Штабот на премиерот, кога и во времето на ВМРО, министри биле членови на изборен Штаб. Само што до сега ниеден актуелен премиер, не посакал да биде претседател на држава.
Кога ја слушам Рада, како да го слушам Љубчо Георгиевски. Тој постојано велеше: “Ние вака правиме зошто и СДСМ така правеше”.
Што е смислата на претседателската трка и суштината на кампањата? Ние не одиме на работа, ама и вие не одите на работа. А и едните и другите ние ги плаќаме и ние си ги избираме.
Бидејќи и двата изборни табора имаат оправдување за своите постапки од типот: “Ние крадеме, ама и вие крадевте”, тогаш што избираме ние – претседател, или арамија?
5. Кардиологот Кедев уште не знае во што влегол. Кога ќе сфати, ќе го фати срцето.
Тој знае да става стентови, ама сиромашкиот, допрва ќе учел да биде претседател. Ќе тренира на нас.
Е па, јас сега ќе почнам да учам за кардиолог. Па кога Кедев ќе го фати срцето, нека дојде кај мене да му ставам стент.