1. Зошто женските клубови на СДСМ отпечатиле сликички за велигденски јајца со знакот на “државникот”? Не е убаво на религиозен симбол да ставиш сликичка на нашето знаме комбинирано со знамето на ЕУ. Ако толку сакаат да си го имаат Бранко на јајца, зошто не отпечатија сликички со неговиот лик? Како што е со брада, баш ќе личеше на светец. Што би рекол државникот пред едно пет-шест години по повод едно ловење на октопод: “Ни СДСМ, ни свети СДСМ…” Туку Свети Бранко Искариотски, за вечни времиња, амин. Кога на Велигден ќе ги кршиме јајцата, да не го сквернавиме знамето. Да си ги кршиме јајцата со Бранко.
2. Новото лице Кедев го промовираше новото лице на надворешната политика. На митингот во Струмица Кедев рече: Ние сме против секакви дистанци и еквидистанци. Ние сме за еднаков однос кон сите соседи”. Секоја дистанца не е еквидистанца. Еквидистанца е еднаков однос кон соседите. Ете му прва лекција на новото лице.
Можеби Кедев не знае што е еквидистанца, ама знае да влече логични заклучоци. Во Кавадарци се истакна со следното размислување: “Кавадарци е град на виното. Во виното е вистината. Значи, во Кавадарци е вистината.”
Според логиката на Кедев можен е и следниов заклучок: “Бранко е премиер. Премиерот ја води државата. Значи, Бранко е државник”.
3. Љубе Бошковски рече дека кога би бил во претседателската трка, би ги направил противкандидатите – салата.
Сега е време на марули. Зелени кинеме. Јајцата ќе ги искршиме. Подготвени сме за мимоза салата.
4. Бранко се појавува на говорница и порачува: “Од мене нема да чуете ниту еден лош збор за противкандидатите!”
Демек, јас сега ќе бидам фин. Си ги имам Бучко, Рада и Илинка да викаат на микрофонот. А богами и овој Манасиевски се покажа. Поголем СДСМ е од СДСМ. Што ако е од ЛДП. Ќе си го земам и него. Фин е за валкани работи. Такви луѓе ми требаат. Јас сум државник.
5. Му ја запаметив оваа реченица на Бранко: “Бевме заедно во 1991 година кога го исполнивме вековниот сон да создадеме самостојна независна држава!”
Кај сме биле заедно Бранко? Јас бев на прославата на 8 септември по успешниот референдум за независност. Тебе те немаше на бината.
6. Кандидатот на ДПА Зуди Џелили јавно го озборуваше противкандидатот од ДУИ Гзим Острени. Тој раскажа дека кога бил во ОНА во гостиварското село Тануше, дошол генералот Гзим и ги убедувал да се повлечат оти војната завршила, а тие биле разочарани. “Ни го кажа тоа и потоа се качи во хеликоптерот на НАТО и си замина!”, се пожали Џелили.
Ете зошто Бучко е успешен во реформите за влез во НАТО. Затоа што верува дека не ни требаат борбени авиони. За да не ги уриваме хеликоптерите на НАТО во кој се возат кандидатите на ДУИ.
Џабе Бранко се фали дека како државник ќе не внесе во НАТО. Генералот Острени уште во 2001 година бил во НАТО.
7. Стево Пендаровски стои на скалите што водат до кабинетот на претседателот. Зад него стои македонското знаме. Не знаеш кој е поголем државник. Бранко, или Стево. Особено што претседателот на ДИК уште е и советник за национална безбедност.
Замислете си ја Кондолиза Рајс да биде претседател на изборната комисија во САД.
Членовите на ДИК ќе земат по околу 8 илјади евра за нивната одговорна работа. За 40 дена тие ќе заработат колку што министрите ќе добијат плата за две години. Нив им се исплатува да има апстиненција. Ако не се избере претседател сега, ќе мора да работат пак по три месеци.
Ако веќе не можат сите да ги наградат со место во Уставниот суд, нека им дадат барем тезга. Тоа ќе биде поттик и за следните избори добро да ги одработат.
Така беше и со комисијата за попис. Тие луѓе добро си ја одработија работата.