1. Министерот за одбрана Владо Бучковски ја бранеше одлуката на Владата да испрати нови војници во Ирак. Тој рече дека Македонија изминативе 18 месеци направила чудо. “Од авион се гледа дека сме почитувани”, рече Бучко.
Ете одговор на прашањето зошто ние не го почитуваме тоа што Владата го направила за нас. Затоа што одиме по земја. Не летаме.
За да не убеди во напредокот што треба да го видиме, Бучко ќе треба да ни организира авионски крукчиња над државата. “Бучко компани ве води во земјата на чудата”.
Кога си над облаци долу ништо не се гледа.
2. Генералниот секретар на НАТО, Шефер дојде во Македонија. Вестите велат дека тој ни дал охрабрувачки сигнали за Самитот на НАТО во Истанбул. Ние сме земја на сигнали. Сите доаѓаат и сите ни испраќаат сигнали. И сите доаѓаат со исти охрабрувачки пораки.
Сигналите се читаат и од авион . Средете си го судството, средете си ја економијата, средете си ја државната администрација, расчистете со криминалот…
Само што ние сме резерват во кој што поглавиците уште не научиле да ги читаат сигналите.
3. Странциве барем праќаат сигнали. Туку, што прават нашиве, кога не лажат дека сигналите биле охрабрувачки. Да пратеа и тие некој сигнал дека нешто ќе направат, па да добиевме некое домашно охрабрување.
Еве, сега Хари ќе биде премиер. Бил економист, бил принципиелен, имал разбирање, бил чист… Со кој тим Хари ќе ни испрати сигнали дома, дека нешто ќе се мрдне? Со стручњаците од тимот што победува, па затоа не го менува!?
Може и тоа ќе биде едно од чудата на Бучко.
4. Албанското лоби во Америка решило да прави сеалбански конгрес. Најпогодно место за конгресот е Македонија. Албанците не сакале да одат во Албанија, на Косово не им било безбедно, па остана Македонија како ветена земја.
Зошто не одат во Грција. Таму ќе им биде најбезбедно. Ама, Грците не можат во исто време да имаат два големи настани – Олимпијада и Сеалбански конгрес. Затоа сме ние тука да помогнеме. Како и обично, Грција ќе ги собере парите, а ние поддршката за ЕУ и НАТО.
5. Спикерот Љупчо Јордановски како една од варијантите за ефикасно работење на Собранието предлага да се воведе посебен ден за гласање. Само така може да обезбеди кворум. Така, пратениците останатите денови ќе си бидат слободни. Па покрај денот за гласање, ќе си имаат и денови за шопинг и денови за бизнис.
Најсладок е шопингот кога друг ти го плаќа.
Сами си ги избравме. Сами ќе им го плаќаме шопингот. Со здравје да си ги носиме.
6. Никола Груевски се ослободи од осумтемина од Извршниот комитет што му даваа поддршка на Љубчо.
Каде е Слободан Чашуле? Груевски треба да знае оти тој е клучната фигура за опстанокот на повеќепартизмот во Македонија.
Чашуле беше член на СКМ, кога стана СКМ-ПДП.
Чашуле беше член на Демократската партија.
Чашуле беше член на Демократската алтернатива.
Чашуле беше член на Нова демократија.
Што се случи со овие партии?
Чашуле е член на ВМРО-ДПМНЕ.
7. Далаверски го најдоа во Белград.
Ламбе се брани со молчење.
За Војо постапката е во тек.
Фетаи не разбира македонски.
А Љубчо го боли Ганка.
Ганка е сосетка на Снешка.
Приказната продолжува во следната епизода.