1. Претседателот Бранко Црвенковски рече дека со споменувањето на Македонија во завршниот документ од Самитот во Истанбул “е постигнат голем успех”.
Добрата вест од Самитот е што Бранко почнал да чита. Оти, Македонија се споменува на Самитите на НАТО уште од 1999 година.
Тоа што Бранко почнал да ги чита завршните документи е одлична вест. Ама, не чини што чита и тоа што не е напишано. Каде прочитал Бранко дека ќе сме добиеле покана во 2006, а ќе не примеле во НАТО во 2007 година?
2. Уште една добра вест е што кога ќе влеземе во НАТО, во Македонија ќе влезат странски инвестиции. Така ни порача Бучко.
А кога ќе влеземе во НАТО?
Дај да се подготвиме. Оти кога ќе влеземе и во ЕУ, ќе треба и ние да инвестираме. Како што ни тргна економскиот бум што ни го ветуваше Бранко, ќе треба на време да се подготвиме за инвестиции. Да почнеме да штедиме уште сега.
3. Како што наближува секој крај на месецот, вработените во Заводот за стстистика се тресат од страв. Кој ли ќе ги соопшти резултатите за падот на индустриското производство.
Директорот на Заводот го сменија уште минатиот месец. Ама индустриското производство продолжи да паѓа. Сега кого ќе сменат? Секретарката!?
4. Власта призна дека на народот му е стемнето. Затоа не натера и дење да возиме со светла.
Сепак, не е се толку црно. Има надеж. Уште сме во фаза на стемнување. Кога ќе не натераат светлата да ни горат и дома по цел ден, тогаш веќе е тотален мрак.
5. Портпаролката на ДУИ Ермира Мехемети рече дека е потребна политичка храброст кај партнерите да се реши прашањето за двојазично Скопје. Оти, ако не завршеле преговорите за децентрализација и не се решело прашањето за употреба на јазикот, не ќе сме влезеле во ЕУ.
ДУИ знае што е храброст уште кога беше ОНА, пред три години. Храброста ја покажуваа во планина, а на нивните народни херои им дигнаа споменици.
Сега СДСМ треба да покаже храброст како во 2001 година. Треба да одиме во ЕУ. Да завршат со преговорите до 7 август, како што им велат странците, за да имаат време да тркнат до Халкидики.
6. Приемните испити за студентите по Медицина и Стоматологија се полагаат и на албански јазик. Така наредил министерот за образование Азис Положани. Тоа, како што беше речено, нема да значи дека и на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје ќе има настава на албански јазик. Како не!?
Приказнава е иста како и со општините. Ако можеле Струга и Кичево, со придодавање на селата да станат албански, зошто не би можело и Скопје? По истиот принцип, ако можело да се организира полагање на приемен испит на албански јазик, ќе може да се организира и полагање на испитите за време на студиите.
Студентите ќе одат на часови, а професорите ќе предаваат со преведувачи.
Баш сум љубопитен дали Али Ахмети ќе оди на операција кај хирург што завршил со преведувач. Или, ќе го пушти командант Баци, да му вежбаат на главата.
7. Премиерот Костов рече дека криминалците кога преминувале од Косово не носеле ознаки дека се криминалци, исто како што терористите во
Америка не се идентификувале кога ги урнаа кулите близначки во Њујорк.
Хари, авионите летнаа од Бостон. Терористите им беа дома.
8. Кого лажат дека ако советниците, а не народот избираат градоначалници – тоа било демократија. Овие од СДСМ се генијалци кога треба да спакуваат идеја. Демек, кога би ги избирал Советот, градоначалниците би можеле да бидат сменети, ако не ги исполнат очекувањата на граѓаните.
Тоа во практиката изгледа вака. Да речеме има фирма со два партнера. Фирмата, да речеме се занимава со трговија со павер плочки. Еден од партнерите ќе го избереме за советник. Другиот партнер е граѓанин. А фирмата мора да работи.
Ако градоначалникот не ги исполни очекувањата на граѓанинот – партнер, тогаш советникот – партнер ќе го смени градоначалникот. Чиста сметка.