1. Министерот за одбрана Владо Бучковски завчера попладне замина кај своите сопартијци во Струга за да ги убеди дека нивниот град треба да се поселанчи за да стане доминантно албански, затоа што така Македонија ќе се приближи до Европската унија.
Речиси во исто време, новиот претседател на Европската комисија Хозе Мануел Дурао Баросо во Европскиот парламент во Стразбур изјави: “Европската унија, по приемот на Бугарија, Романија, Хрватска и евентуално Турција, не би требало во блиска иднина да прима нови членки од земјите на Западен Балкан”.
Ајде сега да побрзаме со децентрализацијата за да влеземе во ЕУ.
2. Кога ќе одат Бранко и Хари во Струга? Нели наскоро? Дај нека ни кажат да се подготвиме. Да си купиме шлемови и заштитни маски.
3. Лидерот на ДУИ Али Ахмети ни порачува дека референдумот е уставно право, ама дека “сега не е соодветен моментот за тоа, бидејќи тоа би предизвикало и Албанците да почнат со собирање потписи против таквата акција за нешто друго”.
Кога Македонците прават референдуми, тие не чинат оти биле етнички. А кога Албанците прават референдуми, тие се важат. Уште во 1991 година излегоа на референдум за Илирида. И ете – сега си ја имаат. Остана уште Кичево, кое компромисно ќе го добијат за четири години.
Али Ахмети ни се обрати и со писмо. Тој е против улична демократија. Знаеме. Тој е за шумска демократија. Или ќе му дадеш се што бара, или ќе те натепа.
Ќе стави македонско знаме на прес конференција и мисли дека ќе му ја заборавиме војната. Ептен се намачил.
4. Во која ли Европска унија и според какви НАТО стандарди дури и владините телефони се користат за местење на телефонски анкети. Еј, луѓе, кога тие местат анкети за една телевизиска емисија, што ли ни прават на изборите?
Во анкетата на емисијата “Чуму”, дури пет илјади јавувања имало од три државни телефони. Се вртело од Министерството за одбрана, од Агенцијата за млади и спорт и од Министерството за локална самоуправа.
Каде е син ти? Во војска. Каде служи? Врти телефони за СДСМ.
Во рамките на реформата на Армијата за нејзина интероперабилност со НАТО ќе добиеме нова опрема. За наш побрз влез во Евроатлантската алијанса, Американците ќе ни испорачаат нови телефони. И тоа не било какви. Од оние за брзо бирање. Така ќе се зголеми ефикасноста на војниците кои добиле наредба да се јавуваат на телефонските анкети во емисии на кои учествува Владо Бучковски.
За да влеземе во НАТО треба да се ослободиме и од тенковите и од авионите. Тенковите веќе ги топиме во Железарница. А “сухоите” ќе ги продадеме. Со парите ќе си купиме нови телефонски централи.
5. Хари заглави. Ние мислевме ќе дојде економски експерт, уште и непартиски, и ќе се фати за работа да не извади од калта, а тој почна со извинувања и со самокритика за договорите на Бранко. Па уште вели дека ако успее референдумот тој ќе си ја преземел одговорноста.
Што имаме ние од ветувањата на Хари дека ќе си ја преземе одговорноста?
Државата е блокирана. Источниот дел е отцепен, западниот дел е отпишан. Возовите стојат со денови. Странски инвестиции нема. Невработени – се повеќе. Социјалци – се повеќе. Судиите судат во интерес на тие што ќе платат. Катастарот ни краде земјиште. Корумпираното здравство ни ги убива децата. Локалните насилници не малтретираат. Министерот за одбрана го спасува специјална полиција од сопствениот народ. Државата функционира само кога тепа полицијата.
Секој гледа како да избега од земјата. Дури и добро ситуираните си заминуваат.
И уште ќе излезат Рада и Бучко и ќе ти кажат дека тие како политичари мораат да гледаат и подалеку од нас обичните смртници. А Али Ахмети ќе не искара дека самите сме си виновни што го сопираме процесот за евроинтеграција.
Добро, толку ли го потценија македонскиот народ?
6. Денес е 24 јули. Среде лето сме. Жителите на Европската унија кон која ние, нели природно припаѓаме денеска летаат од едниот до другиот крај на Континентот, не поминуваат граници, не носат пасоши, лежат по плажите, пијат коктели, се опиваат до сабајле…
Ние стоиме на барикадите, полициските хеликоптери летаат над нас, се редиме во редовите за виза и за потпис за референдум и се плашиме да не го налутиме Али Ахмети.
Животот е убав…