1. Од каде дошол овој Бранко, претседателот? Каде бил последните 13 години? Не живеел тука, не бил премиер во два и пол мандати, не бил лидер на опозиција…
Излезе на говорница во Собранието и се зачуди дека во оваа држава крупни и чувствителни законски проекти се потпирале единствено на собраниската математика. Ги искара власта и владејачките партии дека не ја сфатиле пораката од референдумот. Рече: “Треба да се води аргументирана политичка битка во јавноста, да се консултираат експертите и да се комуницира на непосреден начин со граѓаните”.
За кои граѓани зборува претседателот? За оние кои отиде да ги кодоши во Брисел истиот момент кога виде дека референдумот може навистина да му се случи.
2. На претседателот сите му се виновни.
Го искара Хари Костов кога си даде оставка оти проблемите требало да се решаваат, а не да се одлагаат. За разлика од него кој проблемите ги решаваше одложено, па кога не успеа да ги реши стана претседател.
Ја искара владата во оставка оти не и функционирале институциите на државата за да си го реши Кондово. За разлика од него кој не е институција на државата. Тој е претседател.
Ја искара Владата оти не бил задоволен со раст на БДП од 3 насто, или 4 насто. За разлика од времето кога тој беше премиер кога растот на БДП-то беше и под 3 насто.
На крај го искара и народот. Затоа што гласаше за него оваа година, а тој рече дека 2004 е изгубена година.
3. Јавниот обвинител Прчевски им порачал на семејствата на загинатите во несреќата на претседателскиот авион, тие да ги видат документите и самите да кажат кој е виновен. Документите не може да ги земат оти можеби некоја идна влада, или негов наследник ќе покренел истрага за несреќата.
Значи оваа влада решила да заврши истрагата со прогласување на мртвите пилоти за виновни.
Не е прашањето кој е виновен за несреќата кај Мостар. Прашањето е кој е одговорен што воопшто дошло до неа.
Загина претседател на држава и државна делегација што се возеше во владин авион. Со авионот управуваа пилоти најмени од владата и за нивната обука и за состојбата на леталото се грижеше владата.
За авионот, неговото одржување и екипажите постојат конкретни служби и тие служби имаат конкретни раководители. Пропустите на тие служби си стојат во извештајот.
Дали некој од нив беше предмет на истрага? Или, дали некој презеде макар и морална одговорност?
Можеби пилотите навистина биле виновни, како што решила Владата на сегашниот обвинител, ама кој ги пуштил луѓето да летаат онака како што летале.
Владата купи нов авион што ќе стигне идниот месец. За тој авион ќе се грижат истите владини служби со истите раководители поставени по партиски критериум. Дали владините функционери и претседателот ќе летаат спокојно оти лошите пилоти загинаа?
4. Како функционира независното судство покажува случајот на Иџет Мемети.
Тој сега ќе биде народен правобранител. Значи – независен.
До пред две недели беше министер за правда од редовите на ДУИ. Значи – зависен.
На тоа место дојде откако беше судија во Уставниот суд. Значи – независен.
Пред да биде избран во Уставниот суд беше министер за правда, од редовите на ПДП. Значи – зависен.
Така ти е тоа во земја во која владее правото држава. Партиски си зависен, а кога ќе и затребаш на партијата – независен.
5. Независниот уставен суд одлучи дека пратениците ќе ги избира народот, ама тие за пари ќе може да сменат партија во Собранието. Сега Љубчо си направи пратеничка група од партија која никогаш не била на избори.
Тој изјави дека идеолошки е многу поблизок до ВМРО-ДПМНЕ, отколу до СДСМ. Но, практично, тој е поблизок до СДСМ.
Сега веќе не ни требаат избори. Нека се формира партиска берза. Да видиме кој пратеник за колку се продава.
Ако ороспиите имаат цена, зошто не би имале пратениците. Ороспиите се почесни. Тие си се претставуваат самите себе си. А пратениците го претставуваат народот.
6. Новиот министер за здравство Владо Димов ги собра на ручек сите претходни министри за здравство во ресторанот “Ден и ноќ”. Од сите скопски кафеани, министрите ја одбраа токму кафеаната на фармацевтската куќа “Реплек”, која учествува на големите тендери во здравството.
Погодете зошто?
Има добра кујна.