1. Според теоријата на релативитет на потпретседателот на Владата, Јане Миљовски, Донаторската конференција за Македонија во Брисел завршила успешно. Како што, впрочем, успешно беше парафирана Спогодбата со Европската унија минатата година и како што успешно ќе ја потпишеме некој убав ден, годинава, а можеби и некоја друга година. За господинот Миљовски се е успешно, како и да ги земеш работите. Ете, во вчерашното интервју за “Нова Македонија”, потпретседателот на Владата ги кара тие што побрзале да кажат дека Донаторската конференција не ги исполнила очекувањата. Вели дека тие што мислат така “гледаат разлика меѓу сумата од 65 и 85 милиони долари”. Тој не гледа разлика во сумата. Што се за господинот Миљовски 20 милиони?
Не е се во парите. Има нешто што е многу поважно од некаков си ситнеж од 20 милиони долари. Потпретседателот на Владата вели дека има нешто што не се мери со пари. А тоа биле зборовите искажани за Македонија. На пример, исклучително ни била пофалена надворешната политика и односите со соседите. “А најмногу успесите во економијата”, ни раскажува Миљовски.
Е, тоа за успесите во економијата му е најсилното во интервјуто. Колку сме успешни знаат земјите што учествуваа на Донаторската конференција. Тоа особено го ценат. Затоа и отидовме кај нив да бараме помош. И тоа – трет пат.
Едноставно, се топев од радост кога во деновите на одржувањето на конференцијата во Брисел ги гледав вестите на државната телевизија.
Прво оди некое соопштение од Брисел во кое ни кажаа дека сите учесници гледале со симпатии кон Македонија. Потоа извештајот за средбата на министерот за надворешни работи Љубомир Фрчкоски со британскиот шеф на дипломатијата Малколм Рифкин на кој домаќините зборувале за нас со симпатии.
Следува најавата за престојот на италијанскиот претседател Оскар Луиџи Скалфаро и разговорот со државниот потсекретар во италијанското Министерство за надворешни работи Пјеро Фасино во кое тој ни вели дека Италија на Македонија гледа со големи симпатии.
Кога ти велат дека сме им толку симпатични, нормално е да си помислиш дека не 85 милиони, туку кој знае колку ќе ни дадат, па Јане Миљовски нема да знае што да им прави на толку пари. Арно ама, Германците не дадоа ништо. Британците, исто така. Од Французите не ни очекувавме. Италијанците во Скопје ни кажуваа колку не ценат.
Американците уште еднаш докажаа дека истрајуваат на своите принципи дека за нив Македонија е многу важна. Дури и повеќе. За нив приоритетен е секој граѓанин на Македонија. На секого од нас ни дадоа по еден долар. И така се собраа дури два милиона долари. Што се однесува до тоа како ќе им ги вратиме парите, не треба воопшто да се грижат.
В година ќе им испратиме уште еден турнус политичари и јавни личности на појадок со Клинтон. Ќе си го платат појадокот и сместувањето и ете – го вратиле долгот.
2. За време на посетата на италијанскиот претседател Скалфаро беа потпишани неколку договори. Италијанците ги укинаа визите за службените и дипломатските пасоши. За возврат, ние ќе ги примиме назад сите наши граѓани кои нелегално престојуваат во Италија. Се гледа дека власта мислела на обичните граѓани. Политичарите ќе можат да патуваат во Италија без визи. За нас таква привилегија не е потребна. Зашто според другиот договор, Италијанците можат да не вратат ако решиме да останеме таму. Белким не дојде дотаму да почнат и политичарите да ни емигрираат во Италија.
Друга добра работа од посетата на Скалфаро на Скопје е што комуналците темелно ги исчистија улиците по кои се движеше претседателската колона. Не чинеше тоа што полицијата тренираше ограничување на сообраќајот. Имаме среќа што Бил Клинтон нема намера да доаѓа во Македонија. Ќе треба сите привремено да не иселат од Скопје.
3. Приврзаниците на ПДПА од Тетово носат пароли “Се продава куќата” и “Тетово е албанско”. Знамето на Албанија се вее, како навистина ова да не е Македонија. Како капаче на грнето се појавува студентката на Педагошкиот факултет, Емрија Садиковска, наспроти нејзината колешка Мирјана Китановска и објаснува дека “тоа е одговор на македонските студенти кои први почнаа”. Кога среде Скопје ги слушавме извиците за “Шиптарите во гасни комори” се шокиравме и се згрозувавме, во исто време барајќи некакво оправдување, божем се работи за одговорна разбудениот македонски национализам наспроти максималистичките барања на Албанците. Впрочем и сега, кога националистичките дивеења се случуваат во Тетово ги прифаќаме некако лесно, како нешто веќе видено и доживеано, како нешто што можеме да го очекуваме.
Со многу голема леснотија студентката Емрија го изговара она: “Тие први почнаа”. Дај боже се да остане само на почеток. Зашто, ако дојдеме до крајот, на тие што нема да го дочекаат ќе им биде сосема неважно кој прв почна.
4. Премиерот Бранко Црвенковски на средношколците им порача дека за нив не се националистички идеи, бидејќи тие се генерација на мобилна телефонија, Интернет, сателитски телевизии и НБА. Премиерот е во право. Само, што фајде од Интернет, кога нивните татковци немаат пари за струја, па им ја исклучуваат.