1. Ноќна сеанса во Собранието на “Федеративна Република Македонија”. Пратениците заморени, но упорни ги прочешлуваат последните амандмани по законскиот предлог за мирно разграничување помеѓу федералните единици “Република Македонија (Скопје”) и “Република Илирида”. Сé течеше според договореното во владината коалиција, додека не се појави предлогот за организирање референдум за граѓаните на “Република Илирида” да се изјаснат дали се за уставна монархија, или не. Доколку во “Илирида” се врати кралот, тогаш ќе треба да се менува и името на федеративната држава. Бидејќи не оди во иста држава да имаме и крал и претседател, решено е да се направи мирно разграничување.
Заедничката меѓудржавна комисија предложи најголемиот граничен премин да се изгради на автопатот Тетово – Скопје, кај селото Групчин. Но, неколку пратеници од “Илирида”, познати по своите екстремни ставови, предложија амандман, граничниот премин да се изгради среде мостот “Гоце Делчев” во Скопје. Едниот крак од мостот ќе го задржи старото име, а другиот крак ќе се преименува во Скендербег.
Се развива бурна парламентарна расправа. Пратениците Албанци велат дека поставувањето граничен премин на мостот Гоце Делчев – Скендербег не ги загрозува интересите на Македонците и не е насочено против интегритетот и суверенитетот на македонската држава. Претставник на владејачката коалиција се противи на овој амандман, не сфаќајќи зошто на коалиционите партнери им пречи границата да биде само до Групчин. “Тоа е израз на реалноста во која живееме и ние понудивме компромис”, вели пратеникот повторувајќи ги старите фрази за сожителство. “Освен тоа”, вели тој “мостот во Скопје сé уште не е саниран и може да се урне во секој момент. Замислете да ни се случи да ни се урне само едниот крак, или Гоце Делчев, или Скендербег. Како на тоа ќе гледа меѓународната јавност? Како на Американците да им објасниме дека ние намерно не ги уриваме мостовите што нé спојуваат?
Потоа повторно се јавува претставник на “Илирида” во федералното собрание, од оние поумерените, кои прифаќаат граница кај Групчин, ама со преговори знаат дека ќе ја поместат не до мостот Гоце Делчев, туку ако треба и до мостот во Велес. “Впрочем”, конструктивно објаснува умерениот пратеник, “границата кај Групчин е логичен чекор по негласањето за Уставот на првата македонска независна држава, по бојкотот на референдумот за независност, по референдумот за “Илирида”, по формирањето паралелен високообразовен систем со универзитетот во Мала Речица, по законот со којшто се легализира веењето знамиња на туѓи држави.. .”
2. Лажниот аларм за подметната бомба во Собранието на Република Македонија ги стресе и од сон ги разбуди неколку заспани пратеници. “Бррр.. сум сонувал лош сон”, му се пожали едниот пратеник на партискиот другар до него и праша до каде стигнала расправата за законот за употребата на знамињата на националностите. Другиот му рече дека одлична идеја е вакви закони да се расправаат во доцните ноќни часови. “Ако утре нешто не биде во ред, ќе кажеме дека не сме знаеле што правиме, бидејќи нé фатиле на спиење”.
3. Посетата на премиерот Бранко Црвенковски на Белград уште еднаш покажа дека Македонија и СР Југославија се во безгранична љубов. Бидејќи српската страна очигледно нема намера да ги заврши преговорите за одбележување на меѓудржавната граница, безграничната љубов ќе трае уште долго.
Само, што ли му стана на претседателот на Стопанската комора Душан Петрески, па дозволи домаќините толку да го изнервираат за да им каже дека “ние не дојдовме овде да молиме”, и да им се закани на Србите дека Македонија отвара нови пазари во Кина и Малезија. Ни трага од одушевениот Петрески, кој побрза веднаш по укинувањето на санкциите кон Србија и Црна Гора да договара размени со Белград од преку милијарда долари и да мечтае за старите времиња кога единствениот излез кон светот му беше Белград.
4. Добро е што премиерот во официјална посета патуваше со авионот на “Авиоимпекс” и што авионот му доцнел. Нема смисла само претседателот на државата да има проблеми со авионите. Вака и премиерот кога се качил во авионот, што е тука некаде, малку помлад од него, лично се уверил во можностите на македонскиот авиосообраќај. За патувањето во Белград можел и да избира, да патува со МАТ. Ионака на труповите на авионите на оваа македонска компанија стои знамето на СР Југославија и ознаката “ЈУ”. Така, ептен ќе им го направеше ќеифот на домаќините и на дело ќе покажеше како функционира безграничната љубов. А на Душан Петрески сигурно му е сеедно дали ќе патува со МАТ или “Авиоимпекс”. И со едните и со другите – се е исто како некогаш. На едните патот за Европа им оди преку Белград, на другите преку Љубљана.
5. Ќе беше убаво Црвенковски да одеше на пат со автомобил. Да види како на патните гранични премини функционираат државните друмски разбојници што собираат данок за одржување на платото на граничниот премин. Патем, ќе се увреше “во живо” како во Македонија се спроведува начин на “дерење” на патниците по српско – бугарски урнек. Ти се појавува некое момче пред возило и ти вели дај 30 денари по човек, плус, за колата, плус немам ситно да ти вратам кусур. На странците им земаат нешто ситно марки, дај една марка за ова, дај две за она, тие плаќаат и поим немаат кои се сега овие што им бараат пари на граница. Ние се чудиме кога на бугарска страна кај Деве Баир излегуваат разни типови од шумата и ти бараат марки, за патарина, за дезинфекција, за дишење, за тоалет и сл. Како ли им е на оние странци од Средна Европа кои тргнале на одмор за Грција, па прво им земаат марки кај Табановце, па по два часа на Богородица, па кога ќе се враќаат повторно на истите гранични премини ги напаѓаат друмските разбојници и собираат арач за државата која се жали дека немала странски туристи?
Зошто Владата конечно не измисли данок на глупоста? Дефинитивно од тоа ќе собере најмногу пари.