МОБИ ТЕЛ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:57:"Титоповторномеѓупартизаните

    1. Најефикасен потег што во последно време е забележан во Собранието на Македонија е излегувањето на пратеникот Вељо Тантаров, со клопотарец на говорницата. Виде човекот дека обидите на претседателот на Собранието Тито Петковски да ги натера пратениците да си ги исклучат мобилните телефони се безнадежни, па реши тој да си ја  преземе таа обврска. Којзнае, белким ѕвонот на клопотарецот, со којшто биеше Тантаров, навистина ќе ги потсети народните избраници и новокомпонирани бизнисмени од каде се дојдени во пратеничките клупи, како што им порача нивниот колега од говорницата. Освен тоа, можеби токму опомената со клопотарецот ќе биде посилна од сите молби од Тито Петковски пратениците во највисокиот државнички дом да се однесуваат покултурно.
    Некаде имав прочитано еден виц дека во суштина зборот “мобител” произлегува како кратенка од – мобилни телиња. Не знам дали пратеникот Тантаров го знаеше ова, меѓутоа како што им објаснуваше на колегите дека “клопотарецот е стариот македонски мобилен телефон”, изгледа дека  ја сфатив смислата на неговиот  невообичаениот потег во Собранието. Ако клопотарецот навистина е стар македонски мобилен телефон, тогаш излегува дека мобилните телефони се само нови – клопотарци.

    2. Филмскиот фестивал “Браќа Манаки” во Битола го отвори претседателот на Собранието Тито Петковски. Како што е редот, по свеченото отварање, господинот Петковски приредил и прием за гостите. Арно ама, бидејќи околу Домот на културата повторно биле насобрани штедачите на ТАТ, за да се избегнат можни провокации,  наместо во градот  приемот бил организиран во хотелот “Молика” на Пелистер.
    Се покажува неколку пати до сега дека додека не се расчисти со ТАТ луѓето од власта веќе не можат да се појавуваат меѓу народ во Битола. Нешто не сум сигурен дека би биле претерано омилени ако прошетаат и низ западниот дел на Македонија. На маратонот во Охрид ги чуваа од народот со кордони полицајци. На Струшките вечери на поезијата поминуваа во колона оградени од народот со познатите железни огради од пред Собранието и Владата.
    Во таква ситуација што му преостана на претседателот на Собранието освен “Молика”, далеку од Битола. Почна раководството да ни се крие по шумите. Ај тоа не е толку страшно, туку постои сериозна опасност да се соживеат со улогата и да почнат во таква средина да се враќаат на изворите на комунизмот. Не дај боже. Ќе станат илегалци по планините. Ќе го имаме Тито повторно меѓу партизаните.

    3. Кога премиерот Бранко Црвенковски се врати од Порторож рече дека имаме шанси да нé примат во ЦЕФТА.
    На државната телевизија го гледав министерот Владо Наумовски кој се врати од погребот на Мајка Тереза во Калкута и рече дека таму имал средби со некои претставници на неврзаните и разговарал за некој вид придружно членство. На инсистирање на новинарот дека тоа е во спротивност со нашата определба за НАТО, министерот се обиде да објасни дека можеме да одиме до еден степен кога односите со неврзаните нема да ни пречат на патот до НАТО.
    Не го разбрав баш најдобро, ама сепак мислам дека нас попрво ќе нé примат во неврзаните отколку во НАТО и Европската унија. Имаме многу пореални шанси. На пример, премиерот ни рече дека ќе нé примат во ЦЕФТА, ама за да се стане нејзина членка треба прво да имаме асоцијативно членство во Европската унија, да сме членка на Светската трговска организација и да имаме потпишано спогодби за слободна трговија со сите земји – членки на ЦЕФТА. Ние го немаме ни првото, ни второто, ни третото. А за неврзаните нема проблем.  Таму не ни бараат ништо.Не ни треба ни демократија, ни пазарно стопанство, ни реформи, ни независно судство.. . Тоа што ќе бидеме во исто друштво со Гадафи и Кастро не е никаква жртва во однос на големата победа што ќе ја извојува македонската дипломатија. Ќе можат со право да се пофалат дека конечно некаде нé примиле.

    4. Зошто му се лутевме на претседателот Глигоров што го отвараше ресторанот на “Мек Доналдс”? Минатата недела го викнаа да го пушти во употреба гасоводот, и – што му направија!? Само што си замина претседателот, а камерите се исклучија, гасот секна. Се покажува дека претседателот со отварањето на ресторанот направил вистински избор, а во случајот со гасоводот го измамиле. Ако ништо друго “Мек Доналдс”, барем продолжи да работи.
    5. Кога ќе се врати претседателот Глигоров од Њујорк, нека ја побара  снимката од судењето на драчевчанката Сребра во крушевскиот суд, која го повикува да каже дали “сам га избањала” и нека го погледа тој циркус во кој му ги споменуваат и името и функцијата во процесот што го водат против жената што е болна – со тапија. Сигурен сум дека ќе дојде во ситуација самиот тој да поднесе кривична пријава за навреда на неговата личност – против судството во Македонија.
    Уште малку човек ќе помисли дека, не дај боже, намерно се прават вакви циркусијади од кои на човекот ќе му дојде да каже: “Аман, не ме бранете веќе”. Сребра можеби и ќе биде осудена за навреда на претседателот на државата, ама никој не прашува зошто Глигоров морале да го водат токму низ шпалирот пијани луѓе, зошто обвинетата ја држеле непотребно во притвор, зошто судијата ги прифаќа само сведоците на обвинителот, а не на бранителот, зошто за обвинетата која има докази дека се лекувала по психијатриски клиники судијата предложил вештачење од општ лекар.. . Конечно, како на овој народ ќе му се објасни дека во исто време кога големите крадци се шетаат слободно по улиците, а полицијата не може да им најде трага на убијците, во судницата има место само за лудите?
    Убаво си кажа Сребра на телевизија: “Тие го исплукаа, а мене ме наместија.”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира