1. Ете пристигна и толку долго очекуваното признание од американската администрација за напорите кои ги вложува македонската Влада. Во годишниот извештај на Стејт департментот за почитување на човековите права во Македонија е запишано дека “најголемите проблеми поврзани со кршењето на човековите права произлегуваат од високото ниво на корупција и од тоа што Владата не го почитува во целосно владеењето на правото, вклучувајќи ги континуираните напори да се ограничи слободата на медиумите, мешањето во судството и селективното водење истрага”.
Ние тука понекогаш се сомневавме во приказните колку напорно работи Владата. Ама оддалеку се гледа дека имало систем за уништување на медиумите и на судството. Се правеле “континуирани напори”. Од година во година американскиот Стејт департмент дава сè полоши и полоши оценки за слободата на медиумите. И оваа година, заслужено стигна и признанието. Оти евидентно е дека бил вложен огромен напор. И тоа континуиран. Затвори една телевизија, купи друга, затвори два весника, исконтролирај ги тие што останале, доведи ги до дереџе никој да не ги чита, уцени ги со реклами за преживување, фрли неколку милиони евра од буџетот во две – три приватни телевизии како поткуп за љубов и разбирање, нарачај неколку илјади примероци од печатени медиуми на сметка на државни фирми и институции, земи спонзорство за предизборна реклама од тие на кои си им дал најмногу државни реклами, затвори барем еден новинар, прекомандувај млади и надежни кадри од една во друга телевизија, закани им се во јавниот сервис…
Не дека Американците ја открија Америка во Македонија. Не дека ние не знаевме што ни се случува, оти секој ден живееме со тие притисоци. Што си мислевме? Дека случајно се ограничувала слободата на изразување? Не бре. Се гледа дека се работело посветено и одговорно. Доследно. 24/7. И тоа вродило со плод.
Ова не е еден од оние успеси за кои Владата се фалеше дека е ветено -остварено. Ова е повеќе од успех. Неветено – остварено.
2. Сега в понеделник ќе продолжат преговорите на лидерите за излез од кризата?
Која криза? Зошто да има преговори? Заев престана со објавување на бомбите, Груевски направи акционен план за брз влез во ЕУ оти многу го почитува тоа што му го напишале експертите од Брисел, ќе се бори против корупција што ја нема, ВМРО-ДПМНЕ си прослави роденден на новиот плоштад пред новата зграда, Владата продолжува да го оградува Белиот дворец со висока метална ограда, цели фамилии продолжуваат да $ ја продаваат лојалноста кон власта со потврди за вработувања наесен, ама идната година, Македонија вработува и лево и десно, пари течат од сите страни, фонтаните бликаат со вода… Не само Владата туку и Собранието се разбуди. Па и пратениците се мобилизираа откако “експертите рекоа…”. Единствените три опозициони пратенички Солза Грчева, Роза Топузовска и Љубица Буралиева станаа членови и заменици-членови на Комисијата за надзор на УБК и на Агенцијата за разузнавање. Девет години никој не ја контролирал тајната полиција, ама сега, откако премиерот направи акционен план и го објави на Фејсбук, ударната опозициска тројка ќе ја стресе тајната полиција. После девет години се најде опозиција за да ја контролира УБК.
Ви личи на фарса? Не. Зошто да има договор, кога сè е нормално во оваа држава. Ете, дури и двата кампа сè уште се тука. Едниот за слобода, другиот за демократија. Оти тоа не е исто.
Различно е само тоа што веќе премиерот не ги споменува странските служби. Сега зборува за мрачни сили.
3. Градот Скопје во наредните 12 месеци за одржување на спомениците од проектот “Скопје 2014” ќе потроши околу 485.000 евра. Минатата година одржувањето на спомениците чинеше околу 320 илјади евра.
Како што стареат спомениците така стануваат сè поскапи. Дали е поради амортизацијата или вредноста им расте не се знае. Важно е дека веќе никој не треба да помислува за нивна преселба или, скраја да е, претопување. Оти нив од година во година вредноста ќе им расте. Нека стојат за не дај Боже. Кога ќе пропаѓаме, ќе ги дадеме на аукција во Сотби, па може и ќе ќариме.
4. Народниот правобранител препорача клуч на врата за 28 полициски станици, оти не ги задоволувале основните стандарди за работа. Во Македонија само 10 станици се функционални. Којзнае и тие колку се, ама ајде.
Овој податок само како споредба за половината милион евра за одржувањето на спомениците. За полициски станици зборуваме. Не зборуваме за јавни тоалети. И за приоритети.
5. Од понеделник во Македонија доаѓа делегација на ММФ. За да видат како ги трошиме народните пари нека ги провозат низ булеварот Теодосије Гологанов. Да ги прошетаат под палмите. Оти во рамките на акцијата Сечеме дрва, садиме палми, низ скопските булевари веќе нема да има дрвореди туку палмореди.
Туку, кога веќе имаме толку пари, зошто не ни направат и едно море. Кој не би гласал за нив, ако покрај сè што напорно се трудеа да направат, не ни донесат и море. Не само охриѓани со медитеранската плажа, туку и ние од Скопје да си ги солиме јајцата дома. Кој ќе гласа, нека ужива под палмите. Кој не сака да гласа, барем ќе има каде да се удави.
6. Оваа недела забележавме уште едно големо остварување во однос на лани. Просечната оценка на постигнувањата од екстерното тестирање е 3,26. Полоша е од минатата година, кога била 3,6.
В година со себап, чиста тројка.
7. Владиката Иларион рече дека ќе им фрли анатема на сите што вежбаат јога, затоа што јогата била од друга религија. И не била во согласност со православната христијанска вера. Тоа го побара дури и од оние што практикуваат јога од здравствени причини.
Не сум верник, не практикувам ни јога, ама ни дијазепам не ме смирува кога ќе чујам дека духовно лице со страст повикува на верска нетолеранција.
Почитување на другиот ли е вредно за анатема? О Боже благи…