Претставниците на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска го напуштија брифингот во Министерството за информатичко општество и администрација кое го подготви новиот закон за владино рекламирање. Од ЗНМ побарале објаснување зошто на средбата не се поканети новинарите од новинарскиот синдикат, Советот на етика, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и други.
Министерката за информатичко општество и администрација (МИОА), Марта Арсовска-Томовска, и нејзиниот заменик, Тимчо Муцунски, денеска до Собранието го поднесоа предлог-законот за владино рекламирање. Тој предвидува Владата да може да се рекламира во медиумите, но, како што е наведено, само за работи од јавен интерес. Во предлог-законот, исто така, е наведено дека во рекламирањето не смее да се промовираат партиски интереси ниту, пак, да се напаѓаат одредени мислења и ставови на политичките партии.
Во текстот на законот нема механизам што ќе ја спречи власта да ги наградува и корумпира медиумите кои и се блиски, или кои сака да ги придобие.
Во предлог-законот никаде не е наведено која гледаност ќе биде пресудна за да рекламира Владата во телевизијата, дали таа на вестите, на информативната програма, на забавната, кај што се илјадниците турски серии и шунд емисиите пренесувани од соседството. Според анкетите, процентот на гледаност отпаѓа токму на оваа програма. Гледаноста на турските серии и српските турбо-фолк натпревари кои се застапени само на телевизии кои работат под уредништво на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат одлучувачкиот фактор Владата, нејзините агенции и останатите јавни институции парите за реклами да им ги дадат на овие телевизии.
Со Предлог-законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции, во членот 4 за оправданост на рекламирањето, стои дека ќе се обесхрабруваат одредени социјални однесувања, а заштитата во тие реклами од дискриминација по основ на сексуална определба, е изоставена.
Агенцијата за медиуми ќе биде таа што ќе кажува квартално која ТВ колку е гледана, за радијата колку се слушани, порталите колку биле посетени и што е многу чудно, весниците колку биле читани. Владата и нејзините институции, се наведува во Предлог-законот, се должни да најмат маркетинг агенција, која покрај тоа што самостојно ќе го испитала пазарот, пред таа ексклузивно да и препорача на институцијата на кој медиум да ги даде парите за реклама, должна е да се води според кварталните податоци од Агенцијата за состојбата на сите медиуми на пазарот.
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани обвини дека „министерката немаше одговор на прашањата дали овој предлог-закон е резултат на преговорите на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино или е само на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, како и на тоа дали гаранторите на договорот, САД и ЕУ, се запознаени и се во тек со процесот на подготвување на концептот на законот“.
Генерален став на ЗНМ е дека со ваквиот закон ќе се легализира корупцијата на медиумите. „Обврска на јавните институции е да ги направат достапни сите информации поврзани со нивната работа, а не јавните пари да ги користат за дневна промоција на владините политики. Со тоа медиумите стануваат огласна табла на Владата, платени со јавни пари“, сметаат од ЗНМ.
Од здружението додаваат и дека владините реклами ќе имаат силно влијание врз медиумскиот пазар, во кој Владата и досега беше најголем огласувач. Ваквата позиција ѝ дава можност на Владата да ја контролира уредувачката политика на медиумите и со тоа да ја задуши критиката.